среда, 15 јануари 2025
Официјална посета на Хрватска

Македонија издржа неправди, Хрватска ќе ѝ помогне на патот кон ЕУ, му рече Пленковиќ на Мицкоски

Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира. Хрватска е подготвена да ѝ помогне на нејзиниот пат кон Европската Унија. Ова го изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска. На прес-конференцијата одржана по тет а тет средбата во владината зграда во Загреб, Пленковиќ рече дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската унија.

Објавено на

часот

Сподели

„Темата која го оптоварува европскиот пат на Северна Македонија, по наше мислење, е неправедна кон македонскиот народ и македонскиот идентитет. Мислам дека толку многу остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската Унија“, изјави Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.

Премиерот Мицкоски рече дека е голема неправдата нанесена во изминатите две и пол децении, како и отстапките што државата ги направи, пред се со името, почнувајќи од привремената рефренца, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор.

„Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Тоа што не зависи од нас е токму почетокот на преговори. Тоа за жал зависи и од други. Ние направивме доволно, сега треба некој да ни ја поотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме“, истакна Мицкоски.

На прес-коинференцијата тој рече дека ние уште сме во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на Европската Унија е голема.

„Но, се надевам дека како нова влада, со реформите коишто планираме да ги направиме најпрвин на домашен план, а потоа и во соработка со нашите пријатели, хрватската Влада, но и останатите пријатели коишто доаѓаат од земјите членки на Европската Унија, конечно таа неправда по повеќе од две и пол децении од денеска, ќе биде исправена и македонските граѓани ќе можат да бидат заедно со европските граѓани како дел од големото европско семејство“, рече Мицкоски.

Тој изрази убедување дека вредностите коишто пред многу децении Шуман, Аденауер и Де Гаспери ги имаат дефинирано како европски вредности, европските граѓани и политичари ќе ги споделуваат во иднина и дека „нема да бидеме жртви на билатерални спорови во нашиот пат кон целосна интеграција во рамките на Европската Унија“.

Двајцата премиери разговараа и за унапредување на билатерланата соработка на сите нивоа особено на економски план со оглед на тоа што постојат можности за унапредување иако трговската размена сега на годишно ниво е 300 милиони долари.

За време на првата билатерална посета на премиерот Христијан Мицкоски на Хрватска, денеска во Загреб беа потпишани билатерални договори помеѓу министерствата за образование и наука и Министерството за здравје со кои што, како што беше истакнато на прес-конференцијата, значително ќе се подобрат односите на двете земји.

„Сакам да се заблагодарам на мојот драг пријател премиерот на хрватската Влада, господинот Андреј Пленковиќ, за гостопримството, за убавиот разговор, за прекрасната атмосфера којашто ја имаме овде во Загреб. И убеден сум дека братските односи помеѓу македонските и хрватските граѓани и во иднина ќе бидат на едно исклучително високо ниво, а ние како две влади ќе продолжиме да работиме за зголемување на соработката помеѓу граѓаните на двете држави“, рече Мицкоски.

По прес-конференцијата Мицкоски замина на средба со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, а попладне, според агендата, премиерот ќе ја посети црквата Св. Злата Мегленска каде ќе оствари средба со претставници на македонската дијаспора.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ