Кире Лазаров и момците се пред исклучително тешка мисија, да се надополни негатива од седум голови против Фарски Острови, селекција која е во подем, со ракометари кои играат исклучително мотивирано и гинат на теренот.
Македонските ракометари во минатото покажале дека можат да надополнат големи разлика, вечерва со поддршка од полната сала ќе атакуваме на уште еден таков подвиг.
Мала предност за нас може да биде патешествието кое го поминаа ракометарите на Фарски Острови за да стигнат до Скопје. Поради магла не можеа да полетаат навреме, па во Македонија пристигнаа речиси пред полноќ. Го немаа редовниот тренинг, а ниту доволно време за одмор.
Лазаров направи две измени во составот во однос на првиот меч, во тимот е Мартин Карапалевски од Вардар за кого ова ќе биде деби во македонската репрезентација, во составот е и Иван Џонов. Тие двајца се на местото од Дамјан Митев и Цветан Кузмановски.
Ракометарите вечерва треба да одиграат една од најдобрите партии под водство на Лазаров за да избориме место на ново големо натпреварување, адут мора да биде и публиката која секогаш знае да направи жешка атмосфера и да ги понесе нашите играчи кон победа.