сабота, 20 април 2024
Во Скопје се одржува НАТО – Индустриски ден

Македонија има неистражен индустриски потенцијал за поддршка на НАТО, сметаат во Алијансата

Шефицата за набавки во НАТО агенцијата за комуникации и информации (НЦИА), Џенифер Аптон изјави денеска во Скопје дека Македонија сѐ уште има неистражен потенцијал во однос на индустриските способности за поддршка на Алијансата.  Според министерката за одбрана Славјанка Петровска НАТО пазарот е вреден 10 милијарди годишно и нагласи дека Македонија мора да се натпреварува во квалитет и иновации за да не го пропушти овој пазар.

Објавено на

часот

Сподели

Рамноправност во нудењето на производи и услуги за потребите на Алијансата, зголемено учество на НАТО пазарот и здружувањето на способностите на индустријата од сите земји се дел од препораките на НАТО – Индустрискиот ден што се одржува во Скопје, а на кој учествуваат високи претставници на двете агенции на Алијансата, НАТО Агенцијата за поддршка и набавки (НСПА) и НАТО Агенцијата за комуникации и информации (НЦИА), како и претставници на стопанските комори, бројни македонски компании и претставници на академската заедница.

Според министерката за одбрана, Славјанка Петровска членството во НАТО освен безбедносната, има и друга димензија, а тоа е можноста македонските компании рамноправно да се натпреваруваат со сите останати компании во земјите членки во нудењето на производи и услуги за потребите на алијансата.

„Станува збор за значаен пазар од околу 5 милијарди евра на годишно ниво кој не смееме да го пропуштиме. Мора да бидеме амбициозни, да се натпреваруваме со квалитет и со капацитети и да докажеме дека македонските компании, технолошки и развојно можат да одговорат на барањата и да бидат конкурентни со компаниите во сојузничките земји“, рече таа.

Дополни дека ја радува фактот што секоја година сѐ поголем број компании во Македонија изразуваат интерес да се впишат во регистарот на економски оператори и да добијат потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за потребите на НАТО и земјите членки.

„Следниот наш заеднички предизвик е зголемено учество на НАТО пазарот. Министерството за одбрана е партнер кој е подготвен да им помогне на компаниите пристапот до овој пазар да биде достапен“, рече таа.

Генералната менаџерка на НАТО Агенцијата за поддршка и набавки (НСПА), Стејси Камингс, истакна дека тие се врската помеѓу сојузниците на НАТО, самата Алијанса и индустриите.

„Минатата година генералниот секретар кажа дека без индустрија нема одвраќање и нема одбрана. Здружувањето на способностите на индустријата од сите земји на алијансата за унапредување на технологијата, поддршката и напредок на Алијансата е од клучно значење“, рече таа.

Дополни дека ја разгледуваат следната генерација системи за одбрана.

„Во 2023 доделивме договори во вредност од 10,6 милијарди евра. Ние ја почитуваме конкуренцијата што постои во сите земји членки на НАТО бидејќи сметаме дека таа е најдобриот начин на кој што може да се добијат најдобрите производи и резултати за Алијансата, по најдобра цена“, рече таа.

Шефицата за набавки во НАТО агенцијата за комуникации и информации (НЦИА), Џенифер Аптон изјави денеска во Скопје дека Македонија сѐ уште има неистражен потенцијал во однос на индустриските способности за поддршка на Алијансата.

„Иако нашата Агенција сѐ уште нема потпишано договор со индустриите од Северна Македонија, ние сме оптимисти дека тоа наскоро ќе се промени и тоа е една од причините што сум денес тука. Со нетрпение очекувам да се поврзам со различни компании и со вас за да разговараме за бизнис можностите за време на мојот брифинг и на билатералните средби кои се закажани за подоцна во текот на денот“, рече таа.

Дополни дека иако НАТО не е најлесното деловно опкружување, но, како што рече, Агенцијата е тука за поддршка.

„НАТО се потпира на иновации и најсовремена технологија од цела Алијанса за да остане пред противниците и да му помогне на НАТО да ја заврши својата технолошка предност. За да можеме тоа да го сториме ни треба водство и поддршка од нашите земји и повеќе од кога и да било ни требате вие експертите, иноваторите и претприемачите од индустриската база“, рече таа.

Според неа, индустријата игра многу важна улога во кредибилното одвраќање и одбрана и нивната цел е да ја поттикнат македонската индустрија и непрофитните организации да научат да ги истражат можностите што ги има НАТО за нивната работа и експертиза.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека овој настан е со посебно значење, имајќи предвид дека домашните компании денеска ќе имаат можност да стекнат подобро разбирање за процесите, правилата и регулативата за тендерските набавки во овој сојуз.

„Ова ја нагласува нашата посветеност за продлабочување на политичките и безбедносните врски со НАТО, но, сигнализира и подготвеност овие врски да ги прошириме во доменот на економијата. НАТО е секако многу повеќе од политички и безбедносен сојуз. Тој во себе содржи и економска мрежа од можности чие искористување во најголем степен зависи од самите нас. Пред домашните компании се отвора простор да учествуваат во тендерски постапки кои се проценуваат во милијарди евра“, рече вицепремиерот.

Дополни дека го радува тоа што веќе има примери на компании од држави – членки на НАТО, што сакаат да инвестираат во Македонија.

„Придобивките секако ќе бидат на повеќе страни. Повеќе инвестиции значат повеќе нови работни места, но и македонски компании дел од производствените ланци на добавувачи на НАТО. Апел до сопствениците и менаџерите на домашни компании, да не се воздржувате и да не стравувате, туку цврсто да ја искористите можноста што ја дава НАТО за развој на бизнисите, а секако и ние како Влада сме овде да ви помогнеме“, рече тој.

Со членството на Македонија во НАТО, се отвори можност за учество на македонските компании на НАТО пазарот вреден околу 5 милијарди евра годишно. Со цел поддршка на компаниите во процесот на добивање на потребните сертификати за учество на тендерите на НАТО пазарот, Министерството за одбрана креираше Центар за поддршка на компаниите. Преку овој Центар се врши упис на економски оператори и се добива потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за набавки за потребите на НАТО и земјите – членки. Секоја година по членството во НАТО забележано е зголемување на интересот на македонските компании за упис во евиденцијата за економски оператори. Ако во 2021 година, впишани се 8 компании, а во 2022 – 11, минатата 2023 година 21 компанија биле внесени во оваа евиденција, а само во првите два месеци годинава бројот на компании е 4. Вкупно досега во евиденцијата на економски оператори впишани се 44 компании. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ