Седницата се одржа по билатералните средби на ресорните министри, кои послужија како основа за продлабочување и зацврстување на соработката, напиша премиерот Мицкоски.
Како што соопшти Министерството за транспорт, економските политики и инфраструктурниот развој на регионот биле во фокусот на средбата на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот унгарски колега Јанош Лазар.
Македонија и Унгарија се пријателски земји со одлични економски и политички односи и во духот на ова пријателство ја продолжуваме досeгашната соработка. Поддршката од Унгарија е значајна и за патот кон Европската Унија и верувам дека оваа наша соработка ќе биде добробит за македонскиот народ, истакнал на средбата вицепремиерот Николоски.
Нагласил дека Македонија има силни инвестициони планови во модернизација на транспортната мрежа и дека во таа насока се реализираат крупни инфраструктурни проекти коишто ќе ја зголемат конкурентноста на транспортот во регионот посебно на европските коридори. Посочил дека земјата е посветена на изградба на брза пруга на Коридорот 10 и на поврзување на Скопје со Будимпешта и дека затоа е важна поддршката на земјите од Европската Унија за реализација на еден ваков проект.
Николоски информирал и за забрзаните активности за реализација на крупните капитални проекти, потенцирајќи дека средствата од заемот веќе се насочени кон општините за реализација на инфраструктурни проекти.
Двајцата министри разговарале и за можноста за реализација на заеднички проекти од регионален интерес, зголемување на трговската соработка и инвестициите. Биле разменети и мислења и ставови во делот на зголемување на билатералните и мултилатерални односи и стабилностa во регионот. Николоски изразил огромна благодарност за несебичноста на унгарската Влада во поддршката што ја овозможуваат за економско зајакнување на Македонија и за процесот на евроинтегративните процеси на земјата.
„Овие средби со нашите унгарски пријатели ќе донесат големи придобивки за Македонија и регионот. И веќе македонските граѓани ги чувствуваат тие придобивки. Алоциравме 100 милиони евра кон општините за нивeн развој токму преку финансиската подршка од Унгарија, а оваа година веќе 250 милиони евра се ставени на располагање исто така за проекти во општините. Имаме одлични економски и билатерални односи со Унгарија, оваа година бележиме три децении од тие односи и сметам дека тоа е плод на заедничките политики. Ова е време кога се потребни силни пријатели, а Унгарија е силен партнер на Македонија и голем подржувач во реализација на стратешките цели на земјата“, изјавил вицепремиерот и министер за транспорт.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски на фејсбук напиша „Отвораме ново поглавје во одбранбената соработка!“
„Во рамки на унгарско – македонскиот владин самит, на средбата со мојот унгарски колега Кристоф Салај Бобровницки разговаравме за интензивирање на одбранбената соработка, која подразбира зајакнување на капацитетите, но и отвора нови можности при набавките за модернизација и опремување“, објави Мисајловски.
Денешната средба, напиша министерот за одбрана, е уште еден чекор во градењето на побезбедна и посигурна иднина, затоа што безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани не е само наша должност – туку е наша обврска.
„Преку Планот за одбранбена соработка и Меморандумот за разбирање, кој е во завршна фаза, ја зацврстуваме довербата и градиме едно силно пријателство. Соработката во делот на воена едукација и обука, образование, размена на информации и изведување на заеднички вежби придонесува кон сето ова. Во јуни оваа година во Охрид ќе бидеме сведоци на изведувањето на заедничка вежба на нашите единици за специјални операции“, објави на фејсбук министерот Мисајловски.
Вториот ден од меѓувладиниот самит, напиша на фејсбук министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, носи нови можности за соработка! Заедно со Унгарија градиме посилни економски врски, пријателство и просперитет за нашите граѓани.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски објави дека утрово, во рамки на работната посета на Будимпешта, остварил средба со Левенте Маѓар, државен секретар за парламентарни работи и заменик-министер во Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија.
„Во фокусот на разговорите беа тридецениското пријателство и напредокот на севкупните билатерални односи меѓу двете земји, одличната трговска соработка, како и перспективите и предизвиците на процесот на европска интеграција. Разговаравме за натамошно унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на надворешната трговија и економските можности“, напиша на фејсбук минситерот Муцунски.