петок, 28 февруари 2025

Македонија и Турција го обновија стратешкото партнерство со основање на Совет за соработка на високо ниво

Советот за соработка на високо ниво е значаен чекор за односите меѓу двете држави чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес, ијзави денеска премиерот, Христијан Мицкоски на заедничка прес конференција со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, по потпишувањето на политичката декларација за основање Совет за соработка на високо ниво меѓу владите на Македонија и Турција. Ердоган се надева оти ќе присуствува на првата седница на Советот што ќе се одржи во Скопје. Најави дека со идните активности ќе се зголеми економската и трговската размена на уште повисоко ниво и оцени дека односите меѓу двете земји се силни како што е силен Камениот мост во Скопје. Темелот на заедничката политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво е во „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција”, потпишана во 2008 година.

Објавено на

часот

Сподели

Декларацијата беше потпишана при првата официјална посета на Мицкоски на Турција.

„Ова е значаен чекор за односите меѓу двете земји а основите на ова се содржани во документот Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција потпишан уште во 2008 година. Со цел да го развиеме стратешкото партнерство донесовме одлука за основање совет на високо ниво чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите обалсти од заеднилчки интерс на билатерално, регионално и глобално ниво“, рече премиерот Мицкоски на прес-конференција по потпишувањето на декларацијата.

Мицкоски рече дека со Ердоган имале исклучително значајна и конструктивна средба, која, како што рече, е потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу двете земји.

Најави продлабочување на соработката во повеќе области со особен акцент на трговската размена, а разговарале и за соработката во безбедноста, образованието, културата и здравството.

„Двете земји се сојузници во НАТО, а нашиот заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот. Посветени сме како држава на градење цврсто партнерство и потврда за македонско-турското пријателство на економски, политички и културен план“, рече Мицкоски.

Ердоган се надева оти ќе присуствува на првата седница на Советот што ќе се одржи во Скопје. Најави дека со идните активности ќе се зголеми економската и трговската размена на уште повисоко ниво и оцени дека односите меѓу двете земји се силни како што е силен Камениот мост во Скопје.

„Лани имавме трговска размена од милијарда долари кои треба да ги удвоиме во првата прилика“, рече Ердоган, посочувајќи дека ќе биде потребно ревидирање на Договорот за слободна трговија.

Ердоган воедно порача дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција меѓу народите, туку како поле за заедничка соработка и за развој.

Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Македонија и Турција во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји. Ваквата стратегија ќе претставува основа за развој на соработката во овие области, а Советот ќе го поттикнува нејзиното спроведување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ