Железничкиот коридор 8 според регулативата TEN-T ќе продолжи да се гради со помош на финанските институции ЕИБ и ЕБОР и Секретаријатот на транспортната заедница. Македонија и Бугарија се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за коридорот 8.
На состанокот на високо ниво учестувале бугарскиот заменик-министер за транспорт и врски Бисер Минчер, државниот секретар во Министерството за транспорт на Македонија Стефан Волкановски, директорот за железничка инфраструктура на Македонија Синиша Ивановски и претставници на Комисијата на ЕУ, на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и на Секретаријатот на транспортната заедница на Унијата.
Министерствата ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од коридорот. Македонија и Бугарија ја поздравија и поддршката на координаторот на Европскиот кокридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница за напредување на коридорот 8, се вели во информацијата на Европската комисија.
Министерството за транспорт и врски на Македонија соопшти дека не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но не може да прифати реализација на проект што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесносот од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко пооврзување. „Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа. Мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија се со цел во исто време да се гради пругата, во духот на добрососедството. Исто така мора да се ревидира и цената бидејќи сметаме дека е превисока“, се наведува во соопштението.
На состанокот од страна на претставниците од Бугарија е истакнато дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но е изразена подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.