Пред македонските ракометари е нов предизвик, Светското првенство кое се одржува во Хрватска, Данска и Норвешка. Нашата репрезентација натпреварите од првата и евентуално втората фаза ги игра во Вараждин.
Избраниците на селекторот Кире Лазаров одработија добри подготовки и спремни ќе влезат на мегдан со противниците во борба за што е можно повисок пласман.
Турнирот го започнуваме денеска кога од 20:30 часот ќе стартува дуелот против селекцијата на Унгарија која е сериозен фаворит во овој дуел.
„Унгарија многу доби со доаѓањето Чема Родригез како селектор и носењето на шпански стручен штаб, напредуваат се повеќе од година во година, впрочем резултатите говорат за тоа, беа петти на последното ЕП, а учествуваа и на последните Олимписки Игри. Не би можел да кажам дека имаат слаба точка бидејќи говориме за исклучително комплетна репрезентација што има голем број врвни играчи на сите позиции. Можеме да се надеваме дека тие ќе немаат свој ден, а ние мораме да играме најдобро што знаеме и ако ни се укаже шанса за изненадување, да ја искористиме“, рече селекторот Лазаров.
Во групата Д покрај Македонија и Унгарија се уште и селекциите на Холандија и Гвинеја. Првите три се пласираат во следната рунда.
Македонија второто коло го игра во петок против Холандија од 18 часот, а во истиот термин во недела ќе се сретнеме со Гвинеја.
Се очекува во наредните денови Вараждин да биде исполнет со македонски навивачи кои во голем број ќе бидат таму да ја бодрат Македонија.