понеделник, 20 мај 2024

Македонија е втора најзагадена европска држава во 2023 година, АјКјуЕр го објави Извештајот за аерозагадувањето

Специјализирана швајцарската компанија за испитување на загаденоста на воздухот, АјКјуEр денеска го објави Извештајот за аерозагадувањето во 2023 година. Македонија и годинава останува на второто место од 43 држави во Европа според загадувањето на воздухот.

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците од Извештајот, иако има подобрување од 0,4 микрограми на метар кубен помалку ПМ 2,5 честички, во однос на 2022 година сепак Македонија  останува на второ место на најзагадена европска држава, веднаш зад Босна и Херцеговина (БиХ). Во 2023 година просечната годишна вредност на микрограмите на метар кубен на ПМ2,5 честичките што се дишеле во Македонија е 25,2 микрограмите на метар кубен. Споредена со 134 земји, региони и територии во светот, во однос на аерозагадувањето Македонија се наоѓа на 32 место. Тоа е подобрување за едно место во однос на 2022 година, кога земјата била на 31 место.

Во првите 15 најзагадени градови во Европа во 2023 година има два македонси града,  Струмица, како 12 најзагаден регионален европски град, и Тетово, како 14 најзагаден регионален град. Што се однесува до Скопје, иако просечната годишна концентрација на ПМ2,5 се намалила за 2 микрограми, сепак е за една позиција полошо пласиран во однос на 2022 година и се наоѓа на 30 место од 114 најзагадени главни градови во светот.

Извршниот директор на АјКјуЕр, Франк Хамес во документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ оценува дека подобрувањето во Скопје се движи бавно и дека така за деценија или две би се постигнал подобар квалитет на воздухот.

Тој го споредува Скопје со Лос Анџелес, поради сличниот начин на кој се заробува загадениот воздух во градот. Според Хамес загадувањето доаѓа од старите увезени возила, од индустријата, но и од домаќинствата.

„Домаќинствата се голем проблем за загадувањето на воздухот во Скопје, посебно во зима. Во многу сиромашни земји и во земји во кои населението можеби нема доволен пристап до чисти материјали за греење, горењето отпад е еден од големите проблеми, посебно во зима. А, кога горите пластика и кога горите дрво, кое е под стандардите, шансите да произведувате аерозагадување се до 10 пати поголеми отколку, на пример, со гас или со многу чисто горивo. Можеме да забележиме дека некои индустриски играчи, околу светот, всушност прават некои од горењата навечер за да ја сокријат таа активност од властите. И така треба да ги погледнете информациите од мониторите за квалитетот на воздухот во реално време за да видите. Некогаш гледате како се создаваат врвовите на загадување на воздухот во ноќта. Кога е темно нема да го видите чадот“, вели Хамес, а пренесе нота.мк.

Извештајот ги сумира податоците за квалитетот на воздухот PM2.5 од 7.812 градови, кои опфаќаат 134 земји, региони и територии. Податоците искористени за креирање на овој извештај се собрани од повеќе од 30.000 станици за следење на квалитетот на воздухот.

А според денешните параметри на АјКјуЕр, Скопје се наоѓа на 65 место во светот по загаденост веднаш зад Каиро, Египет, а пред Осака, Јапонија.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ