Македонија го продолжува континуитетот на настапи на големите натпреварувања, во јануари ќе играме на Светското првенство кое ќе се одржува во Хрватска, Данска и Норвешка.
Македонија го загуби првиот меч против Фарски Острови со седум голови разлика, но денеска во Скопје нашите ракометари одиграа моќен натпревар, беа извонредни, победија со осум погодоци и ја остварија тешката мисија.
Нашата репрезентација речиси и да немаше пад на натпреварот, игравме фокусирано во текот на целиот меч, без многу загубени топки, со ефикасен напад, проработе и одбраната и сето тоа на крајот ни донесе успех.
Големата негатива од седум разлика почнавме да ја намалуваме полека со самиот старт на мечот, постојано имавме предност и постепено ја зголемувавме, на одморот заминавме со позитива од четири разлика, беше 19-15.
Во вториот дел продолживме во исто темпо, ја зголемувавме предноста, неколкупати имавме и девет голови разлика, на крајот славевме со 34-26 и радоста можеше да почне.
Пешевски со осум голови беше најдобар стрелец во нашата репрезентација, одличен беше Кузмановски со седум, Митев реализираше шест пати, а Серафимов даде пет погодоци. Во составот на Фарски Острови, Елефсен постигна осум голови.