„Всушност, отворена е првата стаза на 1.300 метри надморска височина, што завршува на 1.400 метри, со должина од околу 400 метри. Има најразлични содржини“, појасни кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Тој најави дека учениците од општината, преку програмата за физичко образование ќе имаат бесплатно учење скијање. Проектот рече е развоен, а најави уште две патеки од по два километра, кои ќе се спуштаат од надморска височина од 1.800 метри на 1.300м, како и подобра инфраструктура.
Премиерот Христијан Мицкоски кој присуствуваше на свеченоста, рече дека Владата продолжува да работи на реализација на проекти. Тој додаде дека ски-стазата претставува прекрасен објект. Притоа се заблагодари на сите општествено одговорни компании што учествуваа во изградбата на оваа стаза.
„Ова е исклучително голема можност за кавадарчани, но не и само за кавадарчани, туку луѓе од сите краеви на државата. Да дојдат, да уживаат во овие прекрасни природни убавини, да се рекреираат и навистина би сакал ова да биде само еден почеток , а понатаму уште повеќе да се развива и самото место и самиот регион. Затоа што навистина самата планина и сето ова што е околу оваа ски- стаза е нешто што претставува природна реткост“, истакна претседателот на Владата.
Мицкоски се заблагодари на сите кои придонесуваат со својот ангажман во тоа, Кавадарци како општина, навистина да претставува едно прекрасно место за живеење.
„Ние како Влада и во иднина ќе продолжиме да помагаме. Сега во февруари ќе биде објавен и новиот повик до општините за да аплицираат со нови проекти, што ќе бидат финансирани од страна на Владата. Така што заеднички кога се работи, успехот е тука“, нагласи премиерот.
Се работи за донација од над 230 илјади евра. Од тоа, 115 илјади евра биле донирани од Комерцијална банка и исто толку од Кожувчанка ДОО. Со свој удел учествувале и неколку други општествено одговорни компании.
Александар Данев, директор на филијалата на Комерцијална банка во Кавадарци, изрази задоволство од настанот, посака успешна работа и развој. Тој рече дека ја препознале општествената вредност на овој проект.