понеделник, 21 октомври 2024

Македонците од Албанија масовно го прославија Успението на Пресвета Богородица

Христијанскиот прзник Успение на Пресвета Богородица денеска масовно беше прославен помеѓу Македонците во Албанија. Според традицијата негувана со векови, во селото Церје, Македонците од Мала Преспа, го одбележаа празникот на Пресвета Богородица, патрон на селската црква. Честитки упатија од Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција, МАЕИ и градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски како и од македонското друштво Илинден од Тирана.

Објавено на

часот

Сподели

Иако поголемиот број жители од Церје се иселени, сепак за нив и нивните поколенија важи изреката „каде и да се за овој голем
празник во Церје да се“. Секако заедно со нив беа и жители од повеќе села на Мала Преспа.

По богослужбата што во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ ја одржа отец Ропи Арѓири, одбележувањето продолжи со македонски песни и ора и скромна закуска во црковниот двор.

„Поради лошите, речиси никакви услови за живот, повеќето од некогашните жители на селото се иселивме во други градови во Албанија, пред сè во Корча, како и во Македонија и Грција, но секогаш за овој празник сме тука, да се сретнеме, да се видиме и да се потсетиме на спомените од времето кога селото беше преполно од народ. Секоја година доаѓаме за прослава на овој голем ден кој е селска слава“, велат жителите кои живеат надвор од него.

Присутните во овој божји храм, кој датира од 1012 година, запалија свеќи и посакаа здравје, среќа и бериќет, а од Мајката Божја „да ги чува и штити од секакво зло Македонците каде и да се“.

Празникот Успение на Пресвета Богородица, голем број македонски семејства во Албанија го одбележуваат како домашна слава. Честитки по повод празникот, до сите Македонци каде и да се, упати единствената партијата на Македонците во Албанија, МАЕИ.

„На овој свет ден, кога го чествуваме вознесувањето на Мајката Божја, нека нашите срца бидат исполнети со вера, љубов и надеж. Нека Пресвета Богородица ги благослови вашите домови со мир, здравје и благосостојба, а нејзиниот светол пример да ни биде водилка низ сите животни предизвици. Честит празник!“, пишува во честитката на МАЕИ.

Од свое име, од име на општинската администрација и Советот на општината, честитка до сите православни верници, посебно до жителите на селото Церје упати и градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски.

„Честит празник Голема Богородица на сите жители на село Церје и сите верници! Нека овој свет ден ви донесе мир, љубов и благослов во вашите домови. Да се молиме на Пресвета Богородица за здравје, среќа и благодат. Нека нејзината милост биде со нас и ни помага на сите наши патишта“, посака Колефски.

Денешниот голем празник го честиташе и македонското друштво „Илинден“ од Тирана кое упати честитка и до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

„Дозволете ми во мое лично име и во име на друштвото и на македонско национално малцинство во Република Албанија, Вам лично, на вашето свештенство, на сите Македонци каде и да се во светот и на сите православни верници, да ви го честитам големиот Христијански празник Успение на Пресвета Богородица, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото“, Никола Ѓурѓај.

Тој на сите верници што го слават овој празник им посака пред сѐ добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина.

„Празнувањето на овој голем празник значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата. Со силата на светото име на мајката Божја во нашите молитви да се помолиме за здравје, љубов, благодат, душевен мир, среќа и топлина во нашите семејства. Ваше Блаженство, Ви ги упатаме изразите на нашето највисоко почитување“, се наведува во честитката.

Се посочува дека негувајќи ја традицијата го славиме денот на Мајката и заштитничката, молитвеницата и закрилницата на сите христијани, следејќи ги начелата кои нè прават човечни и се извор на нашата духовна сила.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ