„Во Албанија етнички Бугари нема. Во ниту еден попис не постои макар и еден Бугарин на целата територија на Албанија. Исто така најостро ја осудуваме злоупотребата на терминот ‘северномакедонци’ од Институтот за статистика и употребата на име на земја како супститут за македонската етничка заедница, веќе призната во Албанија“, се наведува во декларацијата.
Се посочува дека и покрај постојаното алармирање пред јавноста и институцииите на власта на Албанија, во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, ништо не е сторено.
„Изразуваме жалење и разочараност поради незаинтересираноста на албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што албанската Влада не презеде мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија“, пишува во декларацијата.
Друштвото ќе и предложи на Федералната унија на европските националисти (ФУЕН), каде е постојана членка, со посебна резолуција да го отфрли пописот во Албанија како груб фалсификат со огромен број на нерегуларности.
Исто така се посочува фактот дека Македонците и другите национални малцинства во Албанија, не го прифаќаат пописот од 2023 година и бараат нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди на ООН и ЕУ, заради „елиминација на двојното попишување на населението во Албанија и манипулација со бројките на националните малцинства”.
„Ги повикуваме на обединување и единство сите македонски здруженија и партијата, Македонска алијанса за европска интеграција, заради одбрана на идентитетот на Македонците, против обидите за денационализација и асимилација на Македонците во „Бугари“ од страна на Владата во Софија“, повикува друштвото.
Декларацијата, ќе биде доставена до албанскиот Парламент, Владата, претседателот на државата, Државниот институт за статистика и Народниот правобранител, до македонскиот претседател, Собранието и Владата, како и до Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ, ФУЕН и странските амбасади акредитирани во Албанија.
„Декларацијата е потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, на ограноците за Голо Брдо, Фатри Фетаху, за Округот Елбасан, Елса Џелили, како и генералниот координатор друштво за татковината Македонија, Ламбе Шатровски“, додаваат од Македонско друштво Илинден од Тирана.