петок, 27 декември 2024

Македонците најмногу го користат интернетот за зборување, социјални мрежи и праќање инстант пораки

Во 2024 година кај нас како и во минатите години, граѓаните онлајн најмногу купувале облека, вклучително и спортска облека, чевли или додатоци како чанти и накит, соопшти Асоцијацијата за е – трговија на Македонија која ги анализираше податоците објавени од Државниот завод за статистика за користење информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и од поединците во 2024 година, според кои се забележува пораст на направените онлајн-купувања/нарачки за 10 процентни поени.

Објавено на

часот

Сподели

Дури 63.5% од македонските интернет-корисници нарачале/купиле стоки или услуги преку интернет во последните 12 месеци наспроти 53.5% во истиот период минатата година.

Како што објави АЕТСМ, 90.2% од домаќинствата имале интернет пристап наспроти 88% во истиот период минатата година, додека 91.2% од Македонците на возраст од 15 до 74 години користеле интернет наспроти 85.3% во истиот период минатата година (Државен завод за статистика, 2024). При тоа, 92.2% од мажите користеле интернет наспроти 90.2% од жените во истиот период. 76.4% од Македонците користеле интернет неколку пати во текот на денот, и тоа 78.3% од мажите и 74.6% од жените.

Македонците, како што се посочува, интернетот најмногу го користат за зборување, социјални мрежи и праќање инстант пораки. Дури 94.6% од нив го користат интернетот за телефонирање преку интернет/видеo повици (преку webcam; употреба на апликации, на пример, Skype, Facetime) наспроти 89.2% минатата година. 87.6% од Македонците користеле инстант-пораки, т.е. размена на пораки, на пример, преку Messenger, WhatsApp, Viber наспроти 75.2% минатата година. Учество во социјални мрежи (креирање кориснички профил, испраќање пораки или друго на Фејсбук, Инстаграм, Твитер/X итн.) имале 84.2% од интернет корисниците спрема 76.9% минатата година. Забележано е и зголемување на користењето на интернетот за скоро сите активности. Намалување на користењето на интернетот има за информации поврзани со здравјето (повреда, болести, исхрана, подобрување на здравјето итн.), кое е намалено на 55.5% од интернет корисниците во 2024 година, споредено со од 67.7% минатата година. Од друга страна пак, 53.2% од интернет-корисниците праќале/примале електронска пошта (e-mail) наспроти 44% од интернет корисниците минатата година, 72.5% барале информации за производи/услуги наспроти 54.2% минатата година, а особено значајно е дека 13.7% од интернет корисниците учествувале во продажба на производи или услуги, преку аукции како што е на пр. eBay.com наспроти само 6.8% кои учествувале минатата година. Дополнително, забележано е зголемување користењето на интернет банкарство од 40% од Македонците, наспроти 32.8% минатата година.

Во однос на полот, жените повеќе сакаат да зборуваат и да праќаат инстант пораки, но и да бараат информации за производи и услуги поврзани со здравјето, додека мажите повеќе ги користат социјални мрежи, повеќе продаваат производи или услуги онлајн, на пр., преку аукции: eBay и повеќе практикуваат интернет банкарство.

„Најновите податоци на Државниот завод за статистика ни покажуваат дека Македонците се повеќе го користат интернетот, но она што е важно дека е зголемено користењето на интернетот за праќање на е-пошта, за барање информациии за производи и услуги, и најважно, за онлајн продавање на производи и за интернет банкарство. Она што најмногу нѐ интересира е онлајн-купувањето кое забележува пораст од 10 процентни поена, како и зголеменото купување на повеќе категории на производи. Зголемената понуда на атрактивни промоции и појавата на нови играчи на пазарот го раздвижува онлајн-пазарот и сè повеќе интернет-корисници го користат интернетот за онлајн-купување“, истакна претседателката на АЕТСМ, д-р Нина Ангеловска Станков.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ