Во судот се присутни обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Обвинетите на изминатото рочиште пред Судот се произнесоа дека не се чувствуваат виновни, за што дополнително нивната одбрана ќе достави докази.
Според обвинението, тие заедно го испланирале грабнувањето на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ситроен за да го употребат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело, против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Повеќе информации за текот на судскиот процес ќе следуваат во текот на денов.