сабота, 27 јули 2024

Махмути, па сите други на листата за кошаркарски селектор

Објавено на

часот

Сподели

Махмути зад себе има осум титули освоени со Ефес Пилсен

Ваквиот заклучок речиси сам по себе се наметнува откако ќе се направи анализа на ситуацијата во која се наоѓа раководството на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) по заминувањето на досегашниот стратег на националниот тим, како и на опциите што се наоѓаат пред нив.

Секако, според квалитетот, дури и пред Махмути, во конкуренција влегува Заре Марковски, најеминентниот македонски тренер во последниве 15-тина години. Но тој повеќепати во изминатиот период изјавуваше дека селекторската функција воопшто не го интересира и дека во македонската кошарка би се вратил исклучиво како предводник на националната федерација.

 

Домашниот и странскиот елемент споени во едно

Дилемата дали Докузовски да биде наследен од странец или од домашен тренер просто би се анулирала со наименувањето на Махмути, кој во себе речиси идеално ги спојува двата елементи. Станува збор за човек роден во Скопје, кој своите први тренерски чекори ги има направено во македонската кошарка (младинската школа на Работнички), со што би се задоволил домашниот фактор, но кој целата своја кариера ја гради во силни европски клубови, со што би се извлекло најдоброто од опцијата на странски селектор.

Махмути со Галатасарај во моментов е второпласиран во силното турско првенство, а има работено и како предводник на Ефес Пилсен (2001-2007), најдобриот тим од Турција на сите времиња, како и во италијански Бенетон (2007-2009). Зад себе има по четири титули во турското првенство и куп како и пласман на завршниот турнир во Еврокупот со Бенетон во 2009 година.

Со Галатасарај сезонава атакува на уште еден трофеј

Според стручњаците, 44-годишниот чаирчанец е еден од најквалитетните тренери во Европа во моментов и неговото евентуално наименување во наследник на Докузовски ќе биде исклучителен плус за македонската репрезентација. Со тоа, пак, обидот да се дојде до виза за ЛОИ 2012 во Лондон преку пласман на едно од првите три места на квалификацискиот турнир во Венецуела во јули годинава би станал далеку пореален.

 

Нема да биде лесно да се ангажира

Сепак, воопшто нема да биде лесно да се ангажира Махмути, дури и да постои желба за тоа кај челниците на МКФ. Тој во минатото веќе неколкупати беше во игра за селекторската функција, пред назначувањата на Јовица Арсиќ во 2007 и на Докузовски во 2009 година, но тој самиот се откажуваше од трката.

Досега на два пати одбиваше да преговара за селектор

Тогаш главен аргумент на Махмути, искажан во македонските медиуми, беше дека се чувствува премногу млад за да биде селектор и дека има уште многу што да направи во клупската кошарка пред да стане пред да стане предводник на некој национален тим. Сега, оваа теза држи многу помалку вода. Поголем проблем би можело да биде евентуалната резигнираност што постои кај Махмути во однос на сегашното раководство на МКФ, која е произлезена од нивната заборавеност дури воопшто да му го споменат името на прославата на 60 години македонска кошарка во 2006 година.

 

Неколку резервни варијанти

Титулите во Кувајт му носат место меѓу кандидатите за селектор

Селекторската позиција официјално е празна само неколку дена, но тоа не значи дека челниците на МКФ имаат многу време за наоѓање наследник на Докузовски. Ждрепката за групите за квалификациите во Венецуела е на крајот од месецов, за кога е пожелно веќе да имаме селектор.

Ако Махмути и МКФ не најдат заеднички јазик илои воопшто не седнат на маса, тогаш во игра мора да влезе поранешниот селектор Јорданчо Давитков, кој зад себе има неколку извонредни сезони на азиската кошаркарска сцена, но само во случај ако претходно ја прекине соработката со федерацијата на Кувајт, чиј селектор е во моментов. Тука се и Марјан Лазовски, Емил Рајковиќ и Александар Тодоров како предводниците на тренерите од домашното првенство.

Ова, сепак, е само новинарска анализа врз основа на актуелната ситуација на македонската кошарка. Каква ќе биде реалноста, односно какви комбинации се вртат во главите на предводниците на македонската кошарка ќе покаже следниот период.

Игор Крстевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ