сабота, 27 јули 2024

Маестрална партија на Македонија за убедлива победа во Полска

Кошаркарската репрезентација на Македонија одигра фантастичен меч во Полска и оствари голема победа од 96-71 која може да биде многу значајна за понатамошниот тек од квалификациите.

Објавено на

часот

Сподели

Македонија одамна не одиграла кошаркарски меч како денешниот во Сосновиец. Можеби удел има тоа и што овие мечеви не се вредни за Полска со оглед на тоа што тие имаат загарантиран пласман на ЕП, но момците на Јончевски беа речиси совршени.

Главен беше Нено Димитријевиќ кој го одигра целиот меч, голем допринос имаше и Американецот Хап.

Полска имаше водство само на стартот од дуелот, потоа Македонија го крена нивото, заигра одлична одбрана и почна да прави разлика. По првите десет минути имавме предност од 25-16. Во вториот дел играта беше изедначена, на полувремето се замина со водство за нашата репрезентација од 47-38.

Нашата најдобра четвртина беше третата која во која примивме само 12 поени, а дадовме 22. По овие десет минути беше јасно кој е победникот во овој меч. До крајот само ја зголемивме предноста за конечни 96-71.

Димитријевиќ беше фантастичен, постигна 32 поени, имаше осум скокови и осум асистенции, Хап реализираше 19 поени, одличен беше и Ѓуровски со 17, двоцифрен беше уште и Маслинко со 10. Кај Полска најдобар беше Михалак со 20 поени.

Лоша вест за Македонија денеска е што Естонија успеа да ја победи Литванија со 65-59, тоа може да ја искомплицира трката по Европското првенство, но доколку играме како денеска, шансите ни се реални.

Следните мечеви од квалификациите за Македонија се во ноември кога играме двапати со Литванија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ