петок, 25 октомври 2024

М-НАВ има нов Управен одбор, на негово чело доаѓа Владимир Ристески

Надзорниот Одбор на Акционерското друштво за услуги во воздухопловната навигација, М-НАВ го избра новиот Управен Одбор во кој отсега ќе членуваат Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Буран Алити, информираат денеска од М-НАВ.

Објавено на

часот

Сподели

На истата седница Надзорниот одбор со oдлука го назначил Владимир Ристески за претседател на Управен одбор на М-НАВ и за извршен директор на секторот за воздухопловна навигација, со мандат од 4 години.

На раководните позиции Ристески доаѓа од редот на вработените со долгогодишно работно искуство како АТМ експерт во обласна контрола на летање.

Владимир Ристески дипломирал на Природно-математичкиот факултет на отсекот информатика и се стекнал со титула, дипломиран инженер по информатика во 2004 година, а со звање за контролор на летање се стекнал за време на две годишната обука во Белград при Сојузната управа за контрола на летање на поранешната Сојузна Република Југославија во 2001 година.

Оттогаш работи во М-НАВ и се стекнува најпрво со лиценца за контролор на кула-Скопје, а потоа со лиценца за планерски контролор во обласна контрола на летање Скопје, а поседува и лиценци за радарски контролор и за инструктор за обучување на контролори на летање од 2009 година.

Владимир Ристески во текот на својата долга кариера посетувал и бројни обуки во центарот за обука на Еуроконтрол во Луксембург како и во специјализирани центри за школување во Прага, Софија, Рим и Мадрид.

Климент Чепуњоски е извршен директор  на секторот за воздухопловна техника и член на Управниот одбор. Електроинженер со повеќе од 25 години работно искуство низ сите сегменти на секторот за воздухопловна техника на М-НАВ, во Скопје и Охрид.

Буран Алити е извршен директор на секторот за финансиски, правни работи, развој и инвестиции и член на Управниот одбор. Тој е дипломиран правник, со работно искуство во Министерство за правда и Државната изборна комисија.

„Новиот Управен одбор во периодот што претстои ќе работи на зголемување на ефикасноста и перформансите на Друштвото и спроведување на стратешките проекти со кои се доцни. Приоритет е реализација на безбеден и редовен воздушен сообраќај , согласно највисоките меѓународни воздухопловни стандарди, препорачани практики и процедури на услуги“, велат од М-НАВ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ