Индиската економија што произведе дури 200.000 милионери, премалку е застапена на глобалниот луксузен пазар, односно само со половина процент или 846 милиони долари.
Сè до донесувањето на одлуката за влез на странски инвеститори во мултибренд и монобренд-продажбата, во оваа огромна земја немаше ниту еден бутик од светски познатите луксузни брендови. Прв влезе „Луј Витон” со своите три продавници во Индија, но трите продавници се во рамките на луксузните хотели или трговски центри. Кон крајот на минатата година „Хермес” го најави првиот обид за отворање на свои бутици на индиските улици! Првиот бутик е веќе отворен на плоштадот Хорниман во Мумбаи.
Влегувањето во Индија за „Хермес” беше многу очекувано и добро осмислено. Имено, уште во 2008 година за сезоната пролет лето, на модните ревии ја претстави својата нова колекција, модерни варијанти на индиско сари. Следуваа модели што ја славеа индиската жена, односно наменети токму за неа. На 8 октомври 2011 на насловната страница на англискиот „Фајненшл тајмс“ беше најавена француската „хендмејд“ лимитирана колекција на „Хермес“, претставена на индискиот пазар.