сабота, 27 јули 2024

Лукашенко со новиот закон си даде доживотен имунитет од кривично гонење

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко потпиша закон со кој си дава доживотен имунитет од кривично гонење и ги спречува опозициските лидери кои живеат во странство да се кандидираат на следните претседателски избори.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Законот теоретски може да важи за секој поранешен претседател и членовите на неговото семејство.

Според текстот на новиот закон, Лукашенко, дури и кога ќе ја напушти власта, „не може да биде повикан на одговорност за дејствија извршени во врска со вршењето на неговите претседателски овластувања“.

Законот значително ги заострува условите за претседателските кандидати и го оневозможува изборот на опозициските лидери кои избегаа во соседните земји во последните години, бидејќи според новиот закон, право да учествуваат на избори имаат само граѓаните на Белорусија кои постојано престојувале во земјата најмалку 20 години и никогаш немале дозвола за престој во друга земја.

Законот, исто така, наложува на претседателот и на членовите на неговото семејство да ѝм се обезбеди доживотна државна заштита, медицинска нега, животно и здравствено осигурување, по оставката претседателот ќе стане доживотен член на Горниот дом на белорускиот парламент.

Опозицискиот лидер Светлана Цихановска, која побегна во соседна Литванија во 2020 година, изјави дека новиот закон е одговор на Лукашенко на неговиот „страв од неизбежната иднина“, сугерирајќи дека Лукашенко мора да се грижи за тоа што ќе се случи со него кога ќе ја напушти власта.

Очигледно е дека целта на новиот закон е дополнително зајакнување на моќта на Лукашенко и елиминирање на потенцијалните противници на следните претседателски избори, кои треба да се одржат во 2025 година.

По претседателските избори во 2020 година, на кои Лукашенко тврдеше дека победил, Западот ги осуди како украдени, во Белорусија избувнаа масовни протести за време на кои властите приведоа над 35.000 лица.

Режимот на Лукашенко беше обвинет дека е вмешан во нелегално пренесување на деца од градовите во Украина под руска окупација до Белорусија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ