петок, 21 март 2025

Лукашенко: Република Српска може да смета на Белорусија, ќе помогнеме колку што можеме

Белорусија е подготвена да ја поддржи и помага Република Српска што е можно повеќе, изјави белорускиот диктатор Александар Лукашенко на средбата со претседателката на Советот на народите на Република Српска Сребренка Голиќ, јави агенцијата БелТа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мило ми е што ве гледам во Белорусија. Сакам да знаете дека не само што дојдовте во земја блиска до вашиот народ, туку дојдовте кај свои пријатели, кај свои роднини, дојдовте во своја Белорусија“, рече Лукашенко.

Лукашенко рече дека е добро упатен во ситуацијата на Република Српска и дека е длабоко вклучен во настаните што се случија во областа во текот на 1990-тите, кога беше потпишан Дејтонскиот договор.

„Видов сериозни недостатоци на тој договор. И го предупредив мојот колега и пријател Слободан Милошевиќ во тоа време дека мора да бидеме многу внимателни кога го склучуваме тој договор по налог на Западот, Американците. Дека тоа може да донесе многу неволји за народот. Знаете дека дел од тоа се случи. Овие конфликти кои постојат во вашата навидум заедничка држава не исчезнаа. Тие секогаш беа остри и во одреден момент мораше да се прелијат надвор“, рече Лукашенко.

„Но, ова го велам затоа што, и мора да го знаете ова: колку што е можно денес, ние сме со вас, ќе ве поддржиме, ќе ви помогнеме. Повторно велам: колку што е можно, затоа што не сме блиски, не граничиме со Босна и Херцеговина, не граничиме со вашиот народ, но од ист корен сме. Не го заборавивме тоа. Затоа, обидете се да се потпрете на нас“, рече белорускиот претседател.

Лукашенко е убеден дека руското раководство ја разбира и оценува ситуацијата на сличен начин. „Го знаеме и минатото и сегашноста, затоа сме на ваша страна“, додаде тој.

Дописникот на БелТа, исто така, пишува дека „посебната блискост на народот на Белорусија и Република Српска се потврдува и со тоа што за време на протоколарниот дел од средбата шефот на државата речиси и не ги користел услугите на преведувач во разговорот“ и дека Лукашенко одлично разбрал повеќето од она што Сребренка Голиќ го кажала на српски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ