понеделник, 30 декември 2024

Луѓето во Либан панично бегаат во километарски колони: „Ова е вистинска војна“

Илјадници семејства побегнаа денеска од јужен Либан во области кон главниот град Бејрут и планината Либан по денешните израелски воздушни напади во кои, според последните податоци, загинаа најмалку 274 лица, а повеќе од илјада се ранети.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Најмалку 274 лица, од кои 21 дете и 31 жена, загинаа, а 1.024 се ранети во израелските напади врз јужен Либан во понеделникот, изјави министерот за здравство на земјата на прес-конференција, пренесе Ројтерс.

Патиштата што го поврзуваат јужниот пристанишен град Тир со Бејрут се преолни со колони автомобили полни со жени и деца и набрзина собрани лични работи. Повеќето од нив возат по главниот автопат Калдех кој води до јужниот влез во Бејрут.

„Напади има насекаде, а звукот е застрашувачки“, изјави жена од автомобил за ДПА. Маж од истото возило додава дека не знаат каде одат, но дека веруваат дека е најдобро да стигнат до главниот град.

Израел објави дека извршил повеќе од 800 воздушни напади врз цели и инфраструктура на Хезболах. Владин извор кој сакаше да остане анонимен рече дека „Израел се обидува да создаде криза со раселување со цел да го зголеми притисокот врз Хезболах“.

Додека Либан се соочува со најтешката економска криза во својата историја, се стравува дека нема да може да се справи со ваквото масовно раселување на населението.

Некои празни училишта во близина на главниот град веќе се подготвуваат да примат бегалци од јужен Либан. Ова го потврди и министерот за образование Абас ал Халаби, кој рече дека некои училишта во предградието на главниот град веќе ги отвориле вратите за бегалците.

Андреа Тененти, портпарол на Привремените сили на Обединетите нации за Јужен Либан (УНИФИЛ), изјави за ДПА дека персоналот кој не е потребен за функционирањето на УНИФИЛ е советуван да се пресели надвор од областа на делување на агенцијата на ОН.

„Нашите воени мировници и одреден број цивили ќе останат тука за да ја продолжат основната работа на мисијата“, рече Тененти. Луѓето кои бегаат изгледаат шокирано, испаничено, исплашено и плачливо и истакнуваат дека Израел веќе започнал војна против јужен Либан.

Една бегалка смета дека „веќе избила вистинска војна“ и додаде како „се плаши дека населението нема да се врати во своите домови“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ