сабота, 27 јули 2024

Европејците бараат да се исфрли Израел од Евровизија, се врши голем притисок

Израел е во опасност да освои „нула бодови“ на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија, бидејќи музичарите и јавноста повикуваат на бојкот на четирикратниот победник поради воената кампања во Газа, пишува магазинот Политико. Политиката и претходно се вклучуваше во шареноликиот музички фестивал. Пред две години, во 2022, Русија беше исфрлена од натпреварувањето, а победи Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Повеќе од 1.000 музичари во Шведска потпишаа отворено писмо упатено до организаторот на овогодинешниот настан, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), во кое ја обвинуваат за лицемерие пред „хуманитарната катастрофа“ во Газа. Шведска ќе биде домаќин на натпреварот во Малме во мај. Финските уметници, исто така, го повикаа финскиот јавен радиодифузен сервис Иле да изврши притисок врз ЕБУ со цел да се спречи „на земја вмешана во воени злосторства, која продолжува со воена окупација, да ѝ се даде можност да настапи јавно за да го исполира својот имиџ“.

„ЕБУ ја разгледа листата на учесници за натпреварот во 2024 година и заклучи дека израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН ги исполнува сите прописи за натпреварување за оваа година“, рече директорот на ЕБУ, Ноел Куран. Ова е во согласност со правилата на другите меѓународни организации, кои „ги задржаа израелските учесници на големите натпреварувања“, рече тој.

Но јавните радиодифузери што се членки на ЕБУ го чувствуваат притисокот. Шведски СВТ, домаќин на натпреварот, ја повика ЕБУ да одлучи кој може да учествува. Ирската РТЕ примила речиси 500 е-пораки во кои се бара земјата да се повлече од натпреварот доколку на него има израелски претставник. Поддржувачи на Палестина клечеа полуголи на снегот пред норвешката НКР барајќи исклучување на Израел.

Фото: ЕПА

Исландски РУВ најави дека ќе ја одложи одлуката дали ќе учествува на овогодинешниот натпревар откако ќе заврши националниот процес на селекција, во кој настапува и палестинска пејачка. Амбасадорот на Израел во Шведска, Зив Нево, минатиот месец тврдеше дека „повикот на бојкот на Израел значи поддршка на Хамас. Оставете ја политиката надвор од Изборот за песна на Евровизија“, рече тој.

ЕБУ отсекогаш се трудела да се држи настрана од политиката, па затоа официјалното правило за натпреварувачите е „да не се политизира“ и да не се „инструментализира“ настанот. Дури и исландскиот бенд Хатари беше парично казнет затоа што вееше палестинско знаме пред камера на натпревар во Тел Авив во 2019 година. Но таквата политичка неутралност не беше толку јасно изразена од 2022 година.

Минатогодишното натпреварување во Ливерпул го карактеризираа сини и жолти знамиња, што значеше гест на солидарност со Украина и со борбата на таа земја против руската инвазија. Куран рече дека исфрлањето на Русија било поттикнато од „постојаните прекршувања на обврските на руската телевизија во врска со членството во ЕБУ и кршењето на вредностите на јавните медиуми“.

Помеѓу израелскиот КАН и владата „односот е сосема поинаков“, додаде тој. „Споредбите меѓу војните и конфликтите се сложени и тешки, и како неполитичка медиумска организација не смееме да прибегнуваме кон нив“, смета Куран.

ЕБУ се залага Евросонгот да им биде посветен на песните. Тоа е „неполитички музички настан… а не натпревар меѓу државните влади“, рече Куран.

Фановите на Евровизија може да не се согласат со тоа. Дали тоа Кипар и Грција повторно си ги доделија скапоцените дванаесет поени?, прашува Политико.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ