сабота, 19 октомври 2024

Лозарите бараат почитување на откупните цени, винариите се жалат на притисок

Националната федерација на фармери денеска упати апел до надлежните институции, особено до Земјоделскиот инспекторат, да го следат процесот на откуп на грозјето, а контролата да се врши подеднакво и на винариите и на индивидуалните трговци за откуп на винско грозје. Здружението „Вина од Македонија“ вчера соопшти дека притисокот врз винарниците за поголеми откупни цени за грозјето е непродуктивен и води кон нивно пропаѓање. Ресорниот министер Трипуновски пак е задоволен од откупната цена, но не и од количините на произведено грозје.

Објавено на

часот

Сподели

Од Националната федерација на фармери уште бараат да се спречат дивите откупувачи да на грозје, кои на „манипулативен начин ќе сакаат да откупуваат винско грозје по пониска цена“.

„Во изминативе две години, активно лобиравме за донесување на измени во Законот за вино кои беа делумно прифатени. Најниската откупна цена од оваа година ќе биде 25 отсто повисока од производната и сметаме дека оваа пракса треба да продолжи. Сепак сметаме дека оваа информација требаше да биде објавена порано, најкасно до месец јуни“, истакнуваат од Националната федерација на фармери.

Фото: Пиксабеј

Лозарите бараат почитување на цените, винариите се жалат на притисок

Од Националната федерација на фармери посочуваат дека винариите и откупувачите треба да ги почитуваат договорените откупни цени и да ги корегираат своите ценовници во таа цена е сега пониска, а воедно да го почитуваат Законот за вино за секоја повисока шеќерна единица, да се плаќа еден денар плус.

„Бараме од винариите и откупувачите да го исплаќаат износот за откупено винско грозје во целост во рок од седум дена и да не ја намалуваат откупната цена за 8 проценти, бидејќи ова не одговара на ниту едни пазарни, демократски и европски правила, принципи и услови со што се регулира откупот, туку на ваков начин, само се овозможува намалување на цената на откуп на винско грозје и се демотивираат лозарите да произведуваат грозје и ги напуштаат лозовите насади. Треба конечно винариите да сфатат дека треба да се воспостават партнерски односи со лозарите преку договорно производство, кое ќе се склучува на почетокот на производната година на грозјето“, се наведува во соопштението.

Здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на македонско вино, вчера соопшти дека притисокот врз винарниците за поголеми откупни цени за грозјето е непродуктивен и води кон нивно пропаѓање.

„Секое непазарно зголемување на откупната цена на грозјето ќе предизвика значително зголемување на вкупните трошоци, а со тоа и на продажните цени на нашето наливно вино, со што тоа станува неконкурентно на пазарите каде се извезува, што пак ќе значи губење на пазарите и пропаѓање на овие домашни винарници. Оттаму, единствен начин како да се спречи натамошното финансиско исцрпување и пропаѓање на дополнителен број македонски винарници е цената на грозјето да се утврдува помеѓу производителите на грозје и вино, според пазарни механизми на понуда и побарувачка и показатели кои се применуваат секаде во светот, како што се приносот, квалитетот и географската ознака. На таков начин, домашните винарници ќе можат да останат конкурентни и ќе можат да продолжат да вложуваат во развојот и производството на квалитетно вино кое ќе може да постигне повисока цена на пазарот, со што тие ќе можат да платат и повисоки цени за грозјето кое го откупуваат од лозарите“, сметаат од Здружението.

Според Здружението, постојат начини со кои би се надминале сите предизвици во домашното лозарство и винска индустрија.

„Воведување и почитување на светските стандарди и практики во лозарството кои треба да обезбедат повисок квалитет на грозјето и виното. Вложувања во развој на современо лозарство, преку набавка на соодветна механизација, окрупнување на земјиштето, субвенции за производство со географски ознаки и слично, со кои ќе овозможи намалување на трошоците за производство на грозје. Обезбедување поддршка за винарниците кои вложуваат во производство на висококвалитетни вина со контролирано и гарантирано потекло, во напредни технологии и одржлив развој, како и поддршка за зголемување на извозот и позиционирање на македонското вино на светската винска мапа, што носи долгорочни придобивки за сите, вклучително и за лозарите и државата“, велат од „Вина од Македонија“.

Фото: Пиксабеј

Трипуновски задоволен, лозарите бараат брза исплатата на грозјето

Ќе работиме да имаме што повеќе задоволни земјоделци. Нема да дозволиме како во минатото секоја година по 500-600 земјоделци од Тиквешијата да ги нема во Регистарот на земјоделски производители, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во гостување на Сител. Тој кажа дека Македонија е познат бренд во светот за македонско вино но со сегашните количини на производство на грозје сериозно ќе се намали извозот што ќе значи и помал девизен прилив на државата.

Тој додаде со постигната цена од 18,3 денари за килограм за смедеревка и 20, 8 денари за е релативно задоволен.

„Овој процес на оваа договорена цена за винско грозје ќе ја следи Земјоделскиот инспекторат на терен од првиот до последниот ден на откуп. Што значи тоа? Тоа значи дека на сите откупни места, на сите винарски визби ќе има распоредено земјоделски инспектори во две смени, согласно динамиката на откуп во текот на денот“, истакна Трипуновски.

Од Националната федерација на фармери пак, бараат измени на начинот на исплата на откупеното грозје.

„Исплатата за откупеното грозје за сите сорти да биде извршено во рок од седум дена без да биде намалена откупната цена за 8 отсто или најдоцна до декември во тековната година, а не како што е сега, исплатата на износот за откупеното винско грозје на секој производител, винаријата или трговецот да ја изврши на три рати, од кои првата рата во висина од најмалку 20 проценти најдоцна до 15 декември во годината кога е извршен откупот, втората рата во висина од најмалку 40 отсто најдоцна до 15 февруари наредната година од годината кога е извршен откупот и третата рата со останатиот износ, најдоцна до 30 април наредната година од годината кога е извршен откупот“, велат од федерацијата.

Цената на килограм грозје смедеревка со пресметаните 25 отсто ќе изнесува 18,3 денари, а цената на килограм грозје вранец со пресметаните 25 отсто ќе изнесува 20,8 денари, соопшти вчера МЗШВ.

Од министерството појаснуваат дека ја земале предвид пресметката на Земјоделскиот институт – Скопје за производната цена на килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година, зголемена за 25 отсто согласно Законот за вино.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на својот официјален профил на фејсбук напиша дека со ребалансот на Буџетот се издвоени една милијарда и 250 милиони денари за исплата на заостанати долгови кон земјоделците кои минатата Влада не ги исплатила.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ