сабота, 27 јули 2024

Локомотивата „забрзано“ се поправа, десет дена нема воз за Битола

Eдна расипана локомотива, Македодонски железници не се способни да ја поправат веќе една недела, а заедно со трите дена штрајк на машинововозачите, вкупно 10 дена нема воз од Скопје за Битола. А, во Битола пак, нема локомотива за да тргнат вагоните за Скопје. И, еден ден кога ќе ја поправат локомотивата, прашање е дали ќе има патници, зашто тие ќе заборават дека постоел еден воз на ден кон Битола и еден воз на ден од Битола кон Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Но, не треба да се биде песимист, зашто од Македоски железници за МИА нагласиле дека забрзано се работи на оспособување на локомотивата.

Во Железницата очекуваат локомотивата да тргне во среда, можеби во четврток. Оваа среда или четврток не другата недела.

Додека македонската Влада најави намера да гради железничка пруга до границата со Србија за возови кои ќе возат со брзина од над 160 километри на час, пругите и железничките мостови се распаѓаат и веќе во воз се качуваат само оние што мораат. 

Одамна низ Македонија не поминуваат меѓународни возови, а домашните со „триста“ маки возат уште по некоја патничка релација. Пруга немаме со Албанија и Бугарија. Со Косово е во лоша состојба иако тамошната власт изгради современа пруга до македонска граница со 11 нови мостови и големи тунели. По останатите наши пруги се вози со 40-50 км на час, за да не испадне возот. Дел од праговите ги нема или изгореа од летните и есенски пожари. 

Стопанството се бунтува заради бавниот транспорт, а сега и затоа што товарниот сообраќај е во прекин поради можно колабирање на железничкиот мост кај Стоби.

Пред повеќе децении имаше меѓународен воз од Битола кон Минхен и од Гевгелија (од Солун) до Париз. Возовите имаа спални и кушет купеа, купеа со прва и втора класа, ресторани… На почетокот на седудесетите години со нова моторна композиција беше пуштен деловниот воз Битола – Скопје – Скопје – Битола, наречен „Пелагонија експрес“’. Тоа беше нова моторна композиција чија внатрешност наликуваше на авионска, а стјуардеса послужуваше кафе – чај. Патувањето од Битола до Скопје траеше 2,30 часа, па луѓе патуваа по работа и попладнето се враќаа дома.

Во независна Македонија, „Хераклеа“ стана наследникот на „Пелагонија експрес“, барем така велеа во Железницата, но тоа не беше тоа. И згасна.

Веќе подлабоко навлезени во 21-от век, железницата е во состојба поназад од таа на крајот на 19-от век кога Македонија имаше воз. 

Денеска може само да читаме дали некој воз воопшто тргнал од станица, или кога некој воз доцни по 7 часа. Па дури неодамна имавме вест дека возот од Битола (пред да се расипе локомотивата), стигнал навреме од Битола во Велес и тргнал од Велес навреме кон Скопје Да, и тоа се случило, затоа и беше вест.

Сега треба да читаме дали и кога ќе отпочнат работотите на изградба на брза пруга кон границата со Србија, во која соседна земја веќе има делници каде се вози со над 160 км на час, а интензивно се работи и на поврзувањето на делницата кон македонска граница.

А, одамна читаме за изградбата на пруга кон Бугарија. И дека е таа сега во понапредна фаза. Како локомотивата која „забрзано“ се поправа. Бидејќи нема друга.

                                                                                               П.Џ. Фото. П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ