недела, 15 декември 2024

Локалните новинари и дописници изготвија Манифест за подобрување на нивната работа

Локалното новинарство во Македонија последните години се соочува со сериозни предизвици. Сѐ почесто згаснуваат  локални телевизии, радио станици и локални весници. Новинари и медиумски работници остануваат без работа. Цели региони во државата немаат медиуми кои ќе произведуваат локални вести од јавен интерес, а за жал присутен е и феноменот на медиумски пустини во повеќе региони во земјава. Граѓаните не се информирани за значајни теми на животот во локалните заедници. Во градовите, во внатрешноста на државата, каде се уште има и работат новинари и медиумски работници тие се соочуваат со суштествени предизвици какви што се обезбедување на плата, простор, техничка опрема и плаќање на комунални давачки, а уште пострашно е што на некои локални новинари  се вршат закани и уцени и им е нарушена и нивната безбедност, како и безбедноста на нивите семејства од центрите на моќ. Ова го истакнаа дел од учесниците на работилницата „Улогата на новинарите од локалните заедници и подобрување на нивните услови за работа“.

Објавено на

часот

Сподели

Локалните новинари и дописници од локалните средини од сите региони во земјава за сите свои предизвици проблеми и решенија организирани од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија ССНМ во изминатите два дена во Велес  дискутираа  на оваа работилница. Сите нивни проблеми, предлог решенија за спас на локалното новинарство и локалните медиуми се содржани во Манифестот за подобрување на нивната работа, кој за десетина дена јавно ќе го промовираат. Потоа поддржани со потписите на сите свои членови од сите  локалните средини во земјава ќе го предадат на локалните и централните власти.

Како што појасни проектниот координатор Дарко Дуридански од ССНМ целта е преку овој Манифест локалните новинари и медиумски работници  со надлежните да започнат интензивни  преговори, а во рамки на нивните ингеренции да им овозможат  подобрување на нивната положба и да спречат тие да згаснат.

Тој  потенцира  дека проблемите се подолгорочни, но во последните години состојбата е далеку повеќе  влошена поради повеќе причини.

„Големи се притисоци од големите  економски и политички  центри на моќ. Се помал број на новинари и медиуми работат во локалните средини. Воедно нашето истражување покажа дека голема површина со голем број на жители во земјава немаат, односно  се лишени од локални информации или воопшто нема локални медиуми. Ова не е добро ни за граѓаните, но не е добро ни за државата, а посебно за развој на демократијата“, потенцира Дуридански.

Тој информира дека затоа во текот на една година во долги консултации со локални новинари и медиумски работници и воедно нивни  колеги тие заеднички подготвиле Манифест. Во изминатите два дена на работилницата во Велес, Манифестот беше надополнуван и изменет по предлози и сугестии на членовите на Синдикатот, односно по предлози на локалните новинари и медиумски работници.

Загрижувачка  е состојбата на локалните новинари и медиумски работници, смета професор  Здравко Савески од Институт за општествени и хуманистички науки во Скопје, кој воедно  беше еден од излагачите на работилницата. Тој потенцира дека тоа е прашање што ја загрозува и демократијата.

„Проблемот со замирање на локалното новинарство исто така е и проблем на демократијата. Како што замира локалното новинарство, така се зголемува и неотчетноста на локалните власти бидејќи отсуствува некој што ќе ја контролира нивната работа. Покрај тоа има сериозно нарушување на принципот на рамномерен регионален развој. На ниво на сите дејности има огромна концентрација на работните места во скопскиот регион. Само во тој плански регион се лоцирани 52 проценти од сите работни места додека во останатите седум региони се 48 проценти од работните места.Во новинарството состојбата  е уште полоша, каде  можеби само 20 проценти од работните позиции се во седумте плански региони без Скопскиот“, појасни Савески.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ