Според Атанасов во гасењето на пожарот интервенирале 10 пожарникари и 5 противпожарни (ПП) возила.
„Вчера имавме голема помош и од воздух. Денеска не ни беше потребна помош од воздух но вчера тоа многу ни помогна. Во пожарите изгорена е околу 20 хектари борова шума“, изјави Атанасов.
На терен заедно со Атанасов и со директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов беше и градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов.
„Среќа во несреќа е што неготинските пожарникари реагираа многу брзо и не дозволија поголеми штети. Во денешниот пожар беа зафатени пет хектари од боровата шума“, изјави Стојанов.
По локализирањето на пожарот, тој вели дека на неготинските пожарникари и е потребно теренско возило за да можат, како што велат, да интервенираат на непристапните терени во шумата. Стојанов најави дека на терен ќе има дежурна екипа која ќе го надгледува теренот.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево ја потврди информацијата на МКД.мк дека во боровата шума кај Неготино меѓу народот позната како Гоцевата шума пожарот е реактивиран откако вчера во голем пожар изгореа околу 15 хактари борови дрва. Од РЦУК Куманово пак информираа дека денеска избувнал пожар на отворен простор во општина Липково, помеѓу селата Отља и Матејче.
Вчера кај Неготино и во демиркаписко избувнаа големи пожари кои беа гасени со авион на Дирекцијата за заштита и спасување и со два хеликоптери на МВР.