петок, 26 јули 2024

Локализиран големиот пожар во Белград, воздухот е многу загаден (ФОТО+ВИДЕО)

Големиот пожар што утринава го зафати кинескиот трговски центар во Нов Белград е локализиран по четири и пол часа, нема жртви и повредени, но поради екстремното загадување на воздухот на граѓаните им е препорачано да носат заштитни маски.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во гаснењето на пожарот учествуваа неколку десетици пожарникари, а за првпат беа употребени и хеликоптери за гаснење пожар во центарот на градот.

Раководителот на Секторот за вонредни состојби Лука Чаушиќ соопшти дека пожарот е ставен под контрола.

„Спасивме значителен број локали што се од другата страна на центарот, хеликоптерите завршија голема работа, но беше голем предизвик да ги спречиме сопствениците на локалите да влезат за да го спасуваат имотот“, изјави Чаушиќ за белградските медиуми.

Фото: ЕПА

Тој додаде дека, со оглед на околностите, акцијата била успешно спроведена бидејќи нема жртви и повредени.

Што довело до овој пожар ќе покаже истрагата, а постои сомнеж дека причината била плинска боца во ресторан за брза храна во внатрешноста на трговскиот центар.

Миризбата на запалено и чадот се чувствуваат речиси низ целиот град, а поради екстремното загадување на воздухот, на граѓаните, не само во непосредна близина на трговскиот центар, им беше препорачано да не излегуваат или да користат маски што ги штитат од загадувачки материи.

Градскиот завод за јавно здравје во Белград ги следи концентрациите на загадувачки материи на локациите што се во потенцијалната зона на влијание од пожарот.

Еден час по избувнувањето на пожарот, на околните мерни места е регистрирано зголемување на концентрацијата на загадувачки материи, особено на честичките ПМ10, ПМ2,5, НО2 и ЦО, кои може да се поврзат со пожарот.

Пулмологот Татјана Радосављевиќ за Н1 изјави дека пожарот во Кинескиот трговски центар во Блок 70 ја нарушува и онака лошата слика за загаденоста на воздухот.

Фото: ЕПА

Миленко Јовановиќ од Националното еколошко здружение ги предупреди жителите на Нов Белград да ги држат прозорците затворени до понатамошно известување и да користат маски Н-95 за да спречат вдишување штетни материи, со оглед дека сѐ уште нема официјални информации што е тоа што горело во пожарот.

Кинескиот трговски центар гореше и во 2021 година, кога беше уништен голем дел од зградата, по што се планираше околу 80 отсто од станарите своите продавници да ги преселат во нов трговски центар во близина.

Во најголем број продавници се продаваат облека, обувки, пластични производи, покуќнина, алати и слична стока.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ