На средбата биле разменети мислења, искуства и информации за подобро запознавање со судските системи, за положбата, функционирањето и улогата на судската власт, со особен акцент на работата на врховните судови и јавните обвинителства.
Министерот Лога им се заблагодарил на Акарча и Шахин за топлиот прием и гостопримство и посочи дека пријателските односи меѓу двете држави ќе продолжат да се интензивираат и во наредниот период.
„Доследна и предвидлива судска практика е предуслов за владеење на правото и правната сигурност и особено важна за зголемување на довербата на граѓаните во работењето на судскиот систем. Од тие причини, предвидено е зајакнување на соработката која ќе се реализира преку одржување на редовни работни средби“, се вели во денешното соопштение од Министерството за правда.
Министерот за правда Лога, претседателот на Врховниот касационен суд на Турција, Акарча и Врховниот јавен обвинител, Шахин се договориле да има размена на посети меѓу институциите од двете држави со цел да се стекнат нови знаења и искуства.
Министерот Лога ја посетил и Правосудната академија на Турција каде ја потенцирал „одличната соработка“ меѓу двете држави започната во 2011 година што резултираше со 13 слушатели од петтата генерација на Академијата за судии и јавно обвинители од Македонија да бидат упатени на студиска посета во Турција.
„Со потпишувањето на меморандумот за соработка на двете академии во 2021 година се потврдија заложбите за двете институции за унапредување на ефикасноста на правосудните системи во двете земји преку спроведување обуки за судиите и за јавните обвинители , со размена на искуства и со реализација на студиски посети кои во минатото се покажаа како успешни концепти за зајакнување на капацитетите на двете академии. Директорот на Правосудната академија на Турција, Мухитин Оздемир се заблагодари на досегашната соработка и истакна дека се подготвени да се организираат заеднички студиски посети, семинари и конференции меѓу двете институции. Оздемир посочи дека е особено горд што во 2022 година во Анталија, во организација на Правосудната академија на Турција и Агенцијата за соработка и координација на Турција-ТИКА бил одржан натпревар на кој учествувале претставници од повеќе држави а првото место им припаднало на 20-те слушатели од седмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители и нивниот ментор , Наташа Габер Дамјановска, директорка на Академијата“, се наведува во соопштението на Министерството за правда.
Лога и Оздемир договориле соработка со ТИКА во мај годинава, во Охрид да се одржи Конференција за Меѓународна програма за обука за современи прашања за правото на човекови права.
Попладнево се очекува Лога да оствари средба со претставници на надлежните органи на Турција на која ќе биде разговарано за екстрадицијата во Македонија на Љупчо Палевски, осомничен за убиставата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска.