вторник, 22 октомври 2024

Љутков уверува дека галеријата на икони нема да скапува во депоата на Музејот на Македонија

Изработен е проект за темелна реконструкција на Музејот на Македонија, а во тек е постапката за добивање на одобрение за градба, со што веднаш би почнала реконструкцијата на покривот, а за темелна реконструкција на другиот дел од објектот ќе следува тендер со што ќе се врати сјајот на оваа установа, изјави денеска министерот за култура, Зоран Љутков.

Објавено на

часот

Сподели

Љутков потсети дека последната интервенција на овој музејски комплекс е направена во 2010 година.

„Ќе се залагаме да го вратиме сјајот на ова музејска институција и за таа цел е веќе изработен проект за темелна реконструкција. Министерството за култура и туризам веќе е во постапка за добивање на одобрение за градба, со што веднаш би почнала реконструкцијата на покривот во овој момент, за што имаме обезбедено и средства. За темелна реконструкција на другиот дел од објектот, во следниот период ќе следува тендер со повеќе годишна јавна набавка“, рече министерот.

Тој се надева дека во многу краток период ќе ја добијат дозволата и до крајот на годината веќе ќе биде завршена реконструкцијата на кровот. Посочи оти е убеден дека со реализација на сите фази од проектот конечно ќе добиеме музејска институција по сите стандарди која што е чувар на нашето културно наследство.

„Музејот на Македонија е најстар и најголем во Македонија, кој што го собира, го чува, го проучува и го презентира нашето културно наследство. Музејот е навистина во многу лоша очајна состојба, а тоа покажува низ годините наназад каков третман имаме кон културното наследство и дека иако многу се ветувало во последните години, всушност ништо не се направило за да се подобри состојбата на најстариот Музеј во Македонија“, додаде Љутков.

Како што потенцираше, галеријата на икони која што е заштитена како посебно значење од прва категорија, после земјотресот во 2016 година кога имало проблеми со кровот и со протекувањето, морала да биде преместана и ставена во депоата и да се чува во несоодветни услови.

„Има проблеми за вработените кои мора да интервенираат во многу ситуации, а кога зборуваме веќе и за вработените, морам да кажам дека во последните три години имало 30 заминувања во пензија, а всушност е вработено само едно лице. Тоа покажува каков е односот кон нашата култура, традиција, кон нашето културно наследство и односот кон институциите“, додаде Љутков.

Тој најави дека во наредниот период, до Нова година, ќе ги посети сите институции кои се под надлежност на Министерство за култура и туризам.

„Заедно со стручните лица ќе ги увидиме состојбите и ќе донесеме одлуки и предлози до Влада што треба да се направи најбрзо за да може да се интервенира, да не се направат штети во наредниот период“, рече Љутков.

В. д. директорот на Музејот на Македонија Борче Топуковски по посетата со министерот изјави дека се надева со текот на времето Музејот ќе го добие сјајот кој што го заслужува.

„Ние ја имаме највредната музејска збирка во државата – тоа е галеријата на икони. Меѓутоа, и другите етнолошки музејски предмети се исто така вредни и се значајни за презентација на нашето културно наследство. Затоа денеска имавме продуктивна средба со министерот, и ние вработените имаме огромна надеж дека ќе тргнеме од мртва точка и дека со текот на времето ќе му го дадеме сјајот на Музејот каков што заслужува“, рече Топуковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ