вторник, 24 декември 2024

Љутков: Преземањето на Универзална сала од Град Скопје ќе потрае

Министерот Зоран Љутков очекува дека процедурите за изградба на Универзална сала од страна на Министерството за култура и туризам ќе потраат три до четири месеци. Тој вечерва уште изјави дека во изминатите седум, осум години Министерството делело пари за проекти „од ракав“.

Објавено на

часот

Сподели

„Мора да се направи промена на закони, има пет-шест чекори кои треба да се направат. Тоа можеби ќе потрае три-четири месеци…Проектот е во ред, не го оспоруваме, немаме ништо против изведувачот кој досега ги изведувал работите, во првата фаза“, рече Љутков во гостување на Сител.

Посочи дека изведувачот можеби нема да биде ист и за втората фаза од проектот, која е стопирана.

„Повторно ќе се распише тендер, бидејќи проектот не е целосно затворен. Во проектот го нема уредувањето на платото и го нема мебелот во Универзална сала. Ќе побараме да се направи и тоа за да имаме проект клуч на рака“, рече министерот.

Соопшти и дека помеѓу првата и втората фаза сѐ уште немаат извештај за настанатата штета, немаат пресек што е направено и ја немаат проценетата вредност на вкупниот објект.

Одговори потврдно на прашањето дали гарантира дека Скопје ќе има нова Универзална сала до 2028 година кога треба да биде Европска престолнина на културата, со оглед на процедурите што претстојат.

Подобро да оди побавно, рече Љутков, но легално и така како што треба.

„Ако продолжиме вака, јас носам кривична одговорност и ќе бидам оспоруван и нема да го имаме проектот ни до 2028 година кога Скопје треба да биде Европска престолнина на културата“, додаде министерот.

Соопшти дека за 20-ина дена Министерството за култура треба законски да го преземе секторот туризам кој досега беше дел од Министерството за економија. Потоа ќе почнат да работат на програмата за туризам за 2025 година, како и на заедничкото работење односно промоција на културниот туризам. Кога ќе го преземат целиот ресор кај нив,  рече Љутков, ќе почнат да работат на стратегија за туризам.

Тој уште изјави дека во изминатите седум, осум години Министерството делело пари за проекти „од ракав“.

Министерството за култура и туризам ќе направи попис на книгите печатени од издавачките проекти до 2017 година и на сите сувенири произведени во рамки на проектот „Скопје 2014“ кои се чуваат по подруми и депоа. Извештајот ќе биде презентиран на седница на Влада за да се одлучи каде тие ќе бидат  распределени, рече Љутков.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот за 2023 година што го објави пред три дена, наведе дека без попис и дистрибуција има стотици илјади примероци кои потекнуваат од 17 капитални проекти за печатење книги реализирани помеѓу 2009 и 2019 година.

Љутков бил известен дека милион и пол книги од овие проекти се сместени во депоата во НУБ „Св. Климент Охридски“, а во Музејот на Македонија, рече, се складирани стотици илјади сувенири од проектот „Скопје 2014“.

„Без основа се затворени во депоата. До 2017 имало начин како тие книги и сувенири да се дистрибуираат. Но, во 2017-2018, при преземањето на власта од Социјалдемократскиот сојуз, стопирани се сите проекти. Имаме план, во наредниот период ќе добиеме извештај, бидејќи се пребројуваат сувенирите, и уште еднаш ќе направиме попис и на книгите, јас ќе поднесам информација на Влада и ќе донесеме одлука дали тие ќе одат во библиотеките, дали ќе одат како подароци… При првата посета на НУБ реков дека јас овие книги ќе ги извадам на виделина. Греота е книги со таков квалитет, такви класици, таква белетристика, литература од секаков вид, да стои затворена“, рече Љутков.

ДЗР во објавениот извештај за работата на Министерството за култура во 2023 наведе и дека 318 милиони денари биле исплатени за културни проекти, без јасно дефинирани критериуми за распределба.

„Звучи страшно, веројатно таков ќе биде извештајот и до половината за 2024 година зашто ги имавме истите критики и за конкурсот што беше објавен во 2024. Бидејќи реално, во  претходните седум-осум години немаме јасно дефинирани правила и критериуми како се делат проектите од национален интерес и затоа сме реагирале дека голем дел од проектите се делени ‘од ракав’. И веројатно од тие причини извештајот е точен и конкретен“, рече министерот.

За новиот Конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2025, кој е во тек и трае до крајот на месецов, посочи дека точно ќе се знае кој за што може да конкурира зашто, рече, се поставени јасни правила и критериуми, бодување и се определени максималните суми. Нагласи и дека 18 дена по објавувањето на конкурсот, немало реакции за новините во начинот на финансирањето на проектите.

За да се контролираат дадените средства, проектите не само што ќе бидат избрани, туку ќе има и евалуација за реализацијата, а вработените во Министерството, како што рече, одблиску ќе го следат процесот. Наредната недела ќе ги објават и членовите на комисиите кои ќе ги одобрат проектите и понатаму ќе ги следат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ