сабота, 19 октомври 2024

Литванскиот парламент го легализираше насилното одбивање на мигранти

Објавено на

часот

Сподели

Литванија, која е членка на ЕУ, применува присилно враќање на мигрантите од границата од 2021 година, кога илјадници мигранти и бегалци, главно од Блискиот Исток и Африка, се обидоа да влезат во ЕУ преку Литванија, Латвија и Полска.

ЕУ тогаш изјави дека приливот е „хибриден напад“ организиран од белорускиот режим како одговор на меѓународните санкции против Минск.

Оттогаш, бројот на обиди за преминување е намален, но литванските граничари сè уште одбиваат влез на десетици мигранти дневно.

„Кога станува збор за националната безбедност и човековите права, нема лесни решенија, но нема ниту алтернативи“, изјави за новинарите литванската министерка за внатрешни работи Агне Билотаите, додавајќи дека Литванија мора да се брани.

Според неа, Белорусија сега преговара за нови директни воздушни врски на Минск со Иран и Ирак, што може да укаже на нов прилив на мигранти.

„Треба да бидеме подготвени и потребни ни се инструменти“, рече таа.

Амнести интернешенел минатата недела предупреди дека новиот закон, доколку го потпише претседателот, ќе даде зелено светло за тортура.

„Тие амандмани се против меѓународното право и против нашите сопствени обврски“, изјави за АФП Јурате Јускаите, директорка на литванскиот Центар за човекови права.

Таа рече дека измените се неморални, дека го загрозуваат животот и здравјето на луѓето кои се обидуваат да влезат.

Минатата година Литванија ја заврши изградбата на ограда од бодликава жица висока четири метри на голем дел од границата со Белорусија. Оградата се протега на околу 550 километри, а целата граница е 700 километри.

И соседна Полска редовно прибегнува кон насилно враќање на мигрантите на границата со Белорусија. Таа спорна мерка е одобрена со уредба на министерството за внатрешни работи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ