четврток, 24 октомври 2024

Линерано покачување од 3.500 денари на пензиите побараа пензионерите од Кавадарци, Неготино и Куманово

Објавено на

часот

Сподели

„Се собравме денес да побараме подобар живот. Бараме покачување на пензиите. Во Кавадарци има 6.070 пензионери, 3.000 а можеби и повеќе земаат пензија до 15.000 денари. Како да преживееме со тие примања. Затоа бараме линеарно покачување на пензиите во септември. Зошто скоро во сите општински здруженија работат пензионери со високи пензии, па плус земаат. И ние со ниски пензии знаеме, можеме и сакаме да работиме во здруженијата на пензионери, со тоа да придонесеме за подобар живот на пензионерите“, нагласи Драгица Антиќ.

Зголемување на пензиите линеарно по 3.500 денари и утврдување на минималната пензија на 18.000 денари, побараа денеска незадоволни пензионери од Неготино.  

„Бараме донесување на закон за утврдување на методологијата за пресметка на пензиите, што значи најмалите пензии да се покачуваат најмногу, рекоа од Иницијативниот одбор на пензионери, нагласувајќи дека кон протестот се придружиле и пензионери“, дел од раководството на неготинското пензионерско здружение. 

Пензионерката Ката Апостолова од Иницијативниот одбор, додаде  дека ги поддржуваат сите протести и барања на пензионерите низ државата.

Кумановските пензионери денеска се собраа во просториите на здружението и побараа линеарно зголемување на пензиите во договор со државните институции, Владата и надлежните министерства. Тие бараат еднократно или повеќекратно зголемување сè до усвојување на ниво на минимален износ на пензии по групи пензионери усвоени ако закон за минимални пензии во државата.

„Бараме пензиите да бидат достоинствени, да обезбедиме мирен и спокоен живот во ова наше доба, во услови кога сѐ е покачено, храна, лекови. Не сакаме да се доведеме на работ на егзистенција“, кажаа пензионери од Куманово во изјавата за медиумите.

Тие додаваат дека како претставници на пензионери од Куманово, град револуционер ќе повредат иницијатива до останатите здруженија во државата, заеднички да излезат и да ги кажат барањата пред властите.

Кумановските пензионери го обвинија сегашното раководство на здружението на пензионерите дека не им дозволило да си ги бараат правата и побараа здружението да работи волонтерски.

„Иницијативниот одбор смета дека актуелното раководство е нелегално избрано во март, годинава и не ја прифати нашата иницијатива. Одборот сака да започне постапка за промена на статутот кој засега е „таен документ“, не е видлив за останатите членови и е пречка и рамка за заткулисно поставување подобни личности во служба на невидливи моќници кои се во нашите редови, ама незабележани“, рече Љубица Алексовска Костиќ, претставник од иницијативен одбер.

Пензионерите најавија дека ќе протестираат секој понеделник. Кумановското здружение брои над 15.000 членови и едно од најголемите во државата.

Изминатава недела пензионери од Прилеп, Берово, Делчево и Тетово протестираа со барање за линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари.

Вчера Демократскиот сојуз од Владата побара минималната пензија да биде утврдена на 300 евра како и изработка на методологија за усогласување на пензиите со трошоците за живот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ