Фатмир Лимани е роден во Кичево на 14 јануари 1973 година, со моментално живеалиште во Општина Петровец, Скопје.
Дипломирал на Филозофскиот факултет во Универзитетот во Тетово, каде се стекнал со звање дипломиран професор по историја. Неговото работно искуство почнува во 2005 година, како управител на бензиската пумпа „Голден оил“ во Кичево, по што во 2007 година станува претседател на Движењето „Ндрише“, како и член на Надзорниот одбор на АД „МЕПСО“.
Во 2011 година, Лимани станува заменик генерален директор и член на Управниот одбор на АД „ЕСМ“, каде поминува десет години. Лимани беше независен кандидат за градоначалник на Општина Кичево во 2021 година, додека во 2022 стана потпретседател на Движењето Беса.
На парламентарните избори тој го доби пратеничкиот мандат, а од синоќа, по изборот на новата Влада во Собранието на Македонија, тој е член на владиниот кабинет на премиерот Хритијан Мицкоски.
Во биографијата приложена до Собранието стои дека мајчин јазик на Лимани е албанскиот, додека има познавање од македонскиот, англискиот и германскиот јазик. Како што е наведено, тој поседува компјутерски вештини од „Microsoft Оffice – Word“, „Excel“, „Power Point“, „Internet Explorer“, „Windows“, „Outlook Express“ и други.