сабота, 27 јули 2024

Лидија Димова: Заев од мене побара да се скрие криминалот од 2,2 милиони евра, пари од Еразмус

Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми, Лидија Димова во изјава за „Фокус“ обзнани дека тогашниот премиер Зоран Заев ѝ вршел притисок да ја повлече пријавата што ја поднесе за проневера на 2,2 милиони евра европски пари.

Објавено на

часот

Сподели

„Во април 2020 година, од владата ми беше доставен ‘поздрав’ со листа на проекти што требаше да ги ‘пуштам’. Во јуни 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев, во присуство на Нола Исмајлоска, од мене побара да ја повлечам кривичната пријава. Во октомври бев разрешена поради ‘неетичко однесување’ (прашајте го Љупчо Николовски што значи тоа), а во јули 2021 година, Нола беше именувана за регионален координатор за ЕУ, се разбира, откако гласаше за промена на името на државата. Во следните неколку месеци, новиот директор на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски ги доисплати сите спорни проекти од шемата вредна 2,2 милиони евра“, вели Лидија Димова за „Фокус“.

Потоа Димова, беше обвинета за  „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама“ на штета на средства на Европската заедница.

Европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ бара државата да врати 2,2 милиони евра злоупотребени европски пари за случајот за кој токму таа поднесе кривична пријава.

Се работи за злоупотреба на европските фондови преку мрежа на здруженија, компании, туристички агенции и училишта и дека едно се нуди за реализација, друго се спроведува на терен, а трето се запишува во завршните извештаи од спроведените проекти. Оваа мрежа имала своја логистика во Националната агенција, а првопријавеното лице и во кабинетот на премиерот, како близок пријател на еден од националните координатори во Владата.

Димова потсетува дека пријавата ја поднела лично во декември 2019 година кај обвинителот Љубомир Јовевски. „Поднесов докази за сомневања дека се злоупотребени 2,2 милиони евра европски пари од програмата за развој на образованието Еразмус плус. Немаше никакво движење, па наредната година прашав што се случува со пријавата. Денеска се навршуваат 4,5 години како мојата пријава за Скопското обвинителство е во предистрага, не знам дали тоа е законски дозволено“, вели Димова за „Слободен печат“.

Биле пријавени 23 лица и фирми (туристичка агенција, физички лица, училишта…). Според пријавата, за 21 проект финансиран од Европската комисија 2,2 милиони евра завршиле кај истите луѓе и тендерите ги добиле истите две фирми поврзани со овие луѓе, а за тоа имало одлична логистика.

Целата сума наменета за проекти се префрлувала на овие два центри, а потоа се пишуваат извештаи, тие влегуваат во базите на податоци, а јавните набавки се правени по урнек.

„Се работи за момче и девојка од Грузија. Момчето пишувало интелектуални експертски трудови платени од европските пари на сите возможни теми, почнувајќи од дигиталното образование, инклузија, растење лешници и земјоделие. Бидејќи ова е меѓународна шема во која се вмешани уште пет-шест други организации од други држави, овие двајца од Грузија се пишувачи на тие интелектуални трудови. Замислете, тој бил стипендист на Република Северна Македонија, студирал на универзитет во земјава. Ако бил македонски стипендист морало да биде во земјава, а во документите фигурира како да пишувал трудови во подалечни држави. Спорно е како ова лице е експерт за се и сешто. Како има толку голем број на работни часови? Правилата на стипендирање се дека ова лице морало да биде во Македонија, а тој фигурира дека пишувал интелектуален труд на пример, во Естонија. Тоа е уште едно фалсификување. Во шемата биле вклучени училишта и образовни институции и еден државен универзитет, како и невладини организации. Има и две фирми кои се двата центри што ги испумпуваат парите. Една од нив е туристичка агенција“, вели Димова за Слободен печат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ