сабота, 27 јули 2024

Лидерот на СДСМ ги соопшти носителите и коносителите на изборните листи

Во отвоирениот дел од Конгресот на СДСМ, лидерот на партијата Димитар Ковачевски ги соопшти имињата на носителите и коносителите на изборните листи во шесте изборни единици. Тој ќе ја предводи листата во Иборната единица 1, а веднаш до неговото име ќе биде името на лидерката на ЛДП Моника Зајкова. Венко Филипче ќе ја предводи „четворката“, а кога Ковачевски го изговори неговото име аплаузот беше најдолг. Лидерот на СДСМ изрази очекување владата што пак би ја предводел до 2028 да ги заврши преговорите со ЕУ, а во 2030 земјава да стане членка на Унијата.

Објавено на

часот

Сподели

Во „двојката“ прв на листата ќе биде поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а коносител вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Во Изборната едница 3 носителка ќе биде заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревски, а коносител министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Во “четворката“ зад името на Филипче е биде министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Собранискиот спикер Јован Митрески и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе ја предводат листата во ИЕ 5.

Во шестата Изборна единица носителка е министерката за одбрана Славјанка Петровска, а коносител Агрон Демири.

„СДСМ на овие избори ќе понуди луѓе кои ќе ги застапуваат интересите на граѓаните, кои ќе работат на развојот на државата и ќе го забрзаат влезот на Македонија во ЕУ. На граѓаните им ветуваме надеж за подобра иднина и напорна работа секој ден. А со напорна работа, нема недостижна цел, рече Ковачевски пред делегатите на 28. Конгрес на СДСМ.

Според него, партијата со конкретни дела покажа дека нема друга визија и друг пат освен европскиот.

„Јас знам дека тој пат не е лесен, особено за нас. Јас на своја кожа почувствува дека Европската Унија не секогаш беше фер кон нас. Но, дали тоа значи дека треба да се откажеме? Апсолутно не! Затоа уште еднаш ќе потенцирам дека на Македонија ѝ е потребна Европската Унија. Тука не зборувам за бркање на европскиот сон! Географски и културолошки, Македонија е составен дел од Европа. Она што нѝ треба и кон кое се стремиме се европскиот стандард, европските вредности и начин на живот, овде и сега, без одлагање и за сите“, истакна Ковачевски.

Во обраќањето Ковачевски рече дека победа на претседателските избори ќе оствари кандидатот на коалицијата на СДСМ, Стево Пендаровски и нагласи дека СДСМ е најголемата партија во Македонија која ќе оствари двојна победа, заедно со парламентарните избори.

„Нашата големина се должи и на претходните лидери и раководства кои носеле тешки одлуки за подобра иднина. СДСМ е создаден од цврст материјал и нема откажување од иднината. Борбата за подобра европска иднина продолжува. На 8 мај избзорот е суштински за сите граѓани, помеѓу надеж и просперитет со СДСМ или безнадежност и враќање назад 10 години со ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ве повикувам да го поддржиме Стево Пендаровски за претседател на државата, кој е победнички кандидат кој има јасна визија, а СДСМ за европска Македонија, за членка на ЕУ до 2030 година. Нема откажување од иднината“, рече Ковачевски.

Инаку, во првиот дел од обраќањето тој претсави делови од програмата на СДСМ за изборите.

Првиот столб од програмата на СДСМ е европски плати и животен стандард, во кој е предвидена просечна плата од 1.100 евра и минималната плата од 600 евра или 37.000 денари.

Во 2028 година, според програмата, СДСМ ветува минималната пензија да биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари.

„Плус, од оваа година, па секоја наредна ќе има новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер во државата“, дополи Ковачевски.

По 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години е дел од поддршката на младите која е предвидена во програмата.

Таа предвидува и 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство.

„Поттик на економскиот раст, предвидуваме 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции. Во наредните четири години ќе инвестираме 2,7 милијарди евра во инфраструктурни проекти. Тоа се 194 километри изградени автопатишта до 2028 година и реконструирани 950 километри патишта“, посочи претседателот на СДСМ.

Во столбот „Европско земјоделство“, Ковачевски рече дека СДСМ ќе обезбеди поголеми субвенции и поддршка за земјоделците од 750 милиони евра.

„До 2028 година проектираме Македонија повеќе да извезува отколку што увезува храна. Извозот на земјоделски производи ќе биде 1,25 милијарди евра“, рече тој.

Бесплатниот топол оброк за учениците во основните и средните училишта, како и бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти се дел од столбот „Европско образование“, чиста енергија и поевтина струја се, исто така, дел од програмата.

„Предвидуваме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 проценти до 2028 во однос на 2019 година. Енергетска независност и самостојност со која ќе ги задоволуваме 100 отсто од сопствените потреби. Проширувањето на домашните енергетски капацитети ќе влијае на намалување на цените на струјата“, потенцираше Ковачевски.

Изборната програма на СДСМ се содржи и од повеќе ЕУ фондови за македонската економија. Според нив, со отворање на поглавјата ќе се обезбедат дополнителни фондови за посилна македонска економија и за повеќе знаења и стручност.

– Вложуваме повеќе домашни и европски фондови за градење инфраструктура, за реновирања јавни објекти, за Модернизирање на училиштата, за обуки за наставниците и младите. Уште повеќе фондови за обука и пракса за подготовка на младите за добро платени работни места по стандарди на ЕУ“, рече Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ