четврток, 6 март 2025

Лидерите на ЕУ: Краткорочно мора да ѝ помогнеме на Украина, долгорочно да ја зајакнеме одбраната

Лидерите на земјите-членки на Европската Унија денеска ќе се соберат на вонреден самит за да разговараат за зајакнување на одбранбените капацитети и помош за Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста во поканата до лидерите напиша дека би сакал тие да ги донесат првите краткорочни одлуки за да ја направат Европа посуверена, поспособна и поподготвена за соочување со непосредните и идните предизвици за нејзината безбедност. На средбата е поканет и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе се приклучи преку видеоврска.

Лидерите на маса ќе имаат предлог за план за вооружување на Европа, кој вчера го претстави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен. Според неа, планот може да мобилизира близу 800 милијарди евра за одбрана.

„Безбедноста е она на што почива нашиот просперитет и од што зависи нашата слобода. Затоа мораме да воспоставиме сила за одвраќање против оние што се обидуваат да ни наштетат“, напиша Урсула фон дер Лаен во писмото до лидерите на земјите-членки во кое го наведува својот план.

Таа нагласи дека сега е време за вооружување и дека Европа е подготвена масовно да ги зголеми своите одбранбени инвестиции, краткорочно да ѝ помогне на Украина, но и долгорочно, за Европа да ја преземе одговорноста за нејзината безбедност.

Комисијата предлага да се воспостави посебен финансиски инструмент од 150 милијарди евра заеми за земјите-членки за инвестиции во одбраната. Комисијата за овој износ би се задолжила на финансиските пазари и би им одобрувала заеми на земјите-членки.

За да добијат ваков заем, земјите-членки ќе треба да излезат со предлог како ќе ги трошат бараните средства. Бидејќи провизијата има највисок можен кредитен рејтинг, овие заеми би биле многу поволни со ниски каматни стапки и долги рокови.

Овие средства би биле искористени за финансирање проекти што би биле од корист за сите, како што се воздушна и ракетна одбрана, артилериски системи, беспилотни летала со ракети и муниција и системи против беспилотни летала, како и за решавање други потреби – од сајбер-безбедност до воена мобилност.

Средствата би се трошеле преку заеднички набавки, со што би се намалиле трошоците, би се зголемила интероперабилноста и би се зајакнала одбранбената индустриска база. Најголем дел од средствата би се добиле со зголемување на фискалниот простор во буџетите на земјите-членки. Комисијата предлага да им се дозволи на земјите-членки да ги пречекорат правилата, кои предвидуваат дека буџетскиот дефицит не смее да надмине 3 отсто од БДП доколку овие средства се наменети за одбрана.

„Доколку земјите-членки ги зголемат трошоците за одбрана во просек за 1,5 отсто од својот БДП, ова ќе создаде фискален простор од близу 650 милијарди евра во период од четири години“, рече Фон дер Лаен.

Одлуките за формирање посебен финансиски инструмент од 150 милијарди, како и изземањата од буџетските правила, може да се донесат со квалификувано мнозинство, што значи дека нема можност ниту една земја-членка да стави вето и со тоа да го блокира предлогот. Комисијата, исто така, предлага да им се дозволи на земјите-членки да користат дел од кохезионите фондови за инвестиции во одбраната.

Кохезионите фондови вообичаено се наменети за помош на помалку развиените региони, а според овој предлог, тие би можеле да се користат и за некои одбранбени проекти како што се изградба на засолништа за цивили или за воена мобилност, или за зајакнување на патишта, мостови и друга инфраструктура за да се овозможи премин на тенкови и друга тешка механизација.

Во меѓувреме, Унгарија и Словачка го блокираат текстот на заклучоците за поддршка на Украина. На вчерашната средба на Комитетот на постојани претставници (Корепер) двете земји се спротивставија на предложениот текст, додека немаат забелешки на планот за одбрана. Во еден од нацрт-заклучоците се споменува планот на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас за дополнителна воена помош за Украина.

Неколку земји-членки бараат посилна воена и финансиска помош за Украина да биде вклучена во заклучоците, Словачка бара текстот да го спомене транзитот на гас преку Украина, додека Унгарија предупредува на непремостливи разлики во пристапот кон Украина. Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз ќе го прими унгарскиот премиер Виктор Орбан и ќе се обиде да го убеди да се откаже од правото на вето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ