понеделник, 6 јануари 2025
Соња Стојадиновиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Лицемерието на Западот во однос на Украина

Изјавите кои ја критикуваат политиката на западноевропските земји и САД кон Украина и кон војната, се етикетираат дека се антизападни и проруски и не се дозволува пристап кон оваа војна со критички осврт и разум, без да се зазема страна.

Борба до последниот Украинец за интересите на САД и на западнoeвропските земји. Тоа се фактите кои ги гледаме последниве две и пол години, откако почна војната во Украина. За жал, овој факт во јавноста доаѓа претежно од десничарските кругови и десничарските медиуми, па не се зема со сериозност, затоа што, нели, тие се десничари, имаат тенденции да создаваат теории на заговор и да немаат допир со реалноста.

Изјавата за „последниот Украинец“ ја даде пред неколку недели унгарскиот министер за надворешни работи, но јавноста повторно нема да ја прифати сериозно затоа што неговиот шеф Виктор Орбан е отворен поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин. На изјавите кои ја критикуваат политиката на западноевропските земји и САД кон Украина и кон војната, им се става етикета дека се антизападни и проруски. Не се дозволува да се пристапи кон оваа војна со критички осврт и разумност, без да се зазема страна.

Токму тој недостаток на критички осврт дозволува простор мегафоните и политичарите на САД и западноевропските земји да ја кријат својата длабока вмешаност во почетоците на оваа војна и да продолжат со демонизирање на се’ што доаѓа од Русија.

Самото намалување на старосната граница за мобилизација во украинската војска од 25 на 18 години и „истурањето“ на воена помош за украинската војска од западните сили, како и молчешкум испраќањето на платена војска од западните сили, испраќањето на нивни воени инструктори да ги тренираат неонацистичките парамилитарни единици во Украина, најпластично покажуваат дека Украина е жртвуваната страна во вековната војна на Европа и САД со Русија.

Ако се вратиме назад во минатото, за причините кои доведоа до оваа војна, мора да се земат предвид многу историски моменти.

Критиката кон западните земји и САД  дека ова е војна за нивни интереси и дека нема никаква заштита на човекови права и воведување на демократија, (како што досега милион пати сме слушнале од нивна страна), не доаѓа само од политичари кои не се на иста идеолошка линија со западно-европските политичари и САД, туку и од видни интелектуалци и професори кои не се плашат да го кажат своето мислење.

Борба за демократија или распродажба на Украина

Многуте изјави на рускиот претседател Владимир Путин дека оваа војна е одговор на одлуката на САД и ЕУ да ја примат Украина во НАТО, беа од западните медиуми отфрлани како лажен изговор. Но, кога истото го кажува угледен професор од универзитетот во Чикаго, Џон Мершајмер, веќе работите треба да се гледаат на друг начин.

Во своите изјави, професор Мершајмер убаво објаснува дека во 2008 година, на самитот на НАТО во Букурешт, претседателот Путин отворено и рекол на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел дека примањето на Украина во НАТО ќе се гледа како загрозување на безбедноста на Русија. Професор Мершајмер уште во 2015 година, на предавање на својот универзитет, убаво ја објаснува позадината на војната која изби во 2022.

Протестите во Киев, популарниот Мајдан, беа отворено поддржани од ЕУ, со присуство на европски политичари кои им делеа „чајче и колачи“ на демонстрантите. На ова се гледало и се гледа како на поддршка на борбата за демократија, а не се гледа како на мешање во внатрешните работи на една земја.

Се заборава дека во 2014 во Украина се донесе закон за забрана на употреба на рускиот јазик во источните делови на земјата каде доминантен број на граѓаните се Руси. Во јавноста на западните земји се заборава дека тоа е кршење на правата на малцинствата. Во 2023 година, украинскиот парламент донесе одлука да се исфрлат книгите на руски јазик и од руски автори од украинските библиотеки. Подоцна бевме сведоци на палење на тие книги, исто како што палеа книги нацистите во Германија за време на Хитлер во 1933 година.

Цела Европа беше покорена од нацистичка Германија, па не се виде забраната на Гете и Шилер во европските библиотеки додека за жал книги од германските автори беа забранети во тогашниот Советски сојуз се’ до 1960 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски западните медиуми и политичари го славеа како херој, но се заборавија неговите офшор сметки во Белизе, скапите станови во Лондон и Италија и се заборави неговото минато како комичар за кое  подоцна и му се потсмеваа.

Финансиската поддршка на Украина за војната во која ја турнаа западните земји, во 2023 година била условена од страна на кредиторите и странските инвеститори (Саудиска Арабија и САД) со голема приватизација на земјоделското земјиште, a овој план за приватизација, претседателот Зеленски го донел во форма на закон уште во 2020, претходно подготвувајќи ја распродажбата на украинската плодна почва на странски компании.

Во 2023 година се дигна паника дека украинското жито нема да заврши кај најсиромашните земји во Африка поради војната и трговските блокади. На крај, процентите за распределба на жетвата и извозот од таа година покажаа дека дури 40% од житото отишле во Европа, а во Африка 12%.

 Медиумска војна и забрана за руските академици

 Наративот кој од почеток на оваа војна се креираше на двете страни од фронтот е дека и едните и другите се монструми и криминалци. Русија не брзаше како западните земји и дури во 2024 година забрани 81 медиумска куќа од 25 европски земји, додека западните земји ги блокираа Спутњик (Sputnik), РТР Планета (RTR Planeta) и Раша Тудеј (Russia Today) на неколку јазици, уште во 2022 година. Причините од двете страни, како и секогаш, се заштита од ширење на антируска- антиамериканска/западна пропаганда.

Овие одлуки длабоко придонесуваат во создавање на отворен простор за перење на мозоците на јавноста на двете страни од фронтот, а тоа е најлесно кога се контролира наративот и тоа што и’ се нуди на јавноста како точна вест или фино спакувана лага.

Освен медиумскиот простор, страдаше и руската академска заедница со соочување со блокади на соработките со западноевропските универзитети од ЕУ земјите и со еднострани откажувања на нивни учества на конференции и прекинување на веќе почнати проекти и соработки помеѓу европските и руските универзитети.

Руските академски работници се соочуваат и со неиздавање на влезни визи од европските земји и со блокада на своите банкарски сметки за трансфери во странство поради санкциите што дополнително придонесоа за изолацијата на руската академска заедница. Меѓународната академска заедница од почетокот на војната размислува целосно да блокира било каква соработка со руската академска заедница поради војната во Украина. Од друга страна постојат и трезвени академски заедници кои уште во март 2022 година јавно одлучиле дека нема да прифатат бојкот на руските научници, академски работници и ќе објавуваат академски истражувања од руски научници како што е BMJ group, организација за образование, поддршка и истражувања во сферата на здравството.

Но, нема ни размислување, ниту предлог, да се блокираат американските академски работници поради вмешаноста на САД во стотици војни низ светот. Оваа споредба е важна затоа што ваквите блокади и неоправдани казнувања на руската академска заедница нанесуваат огромна штета на размената на академски знаења, новитети и непоправливо ги уназадува академијата и науката. Која е смислата да страдаат руските научници, а американските научници да уживаат во својата работа и да не сносат одговорност за војните кои со децении нивните влади ги почнуваат и водат низ светот.

Познатиот американски професор Џефри Сакс во последното видео од октомври 2024, јасно и хронолошки ги објаснува постапките на дадени гаранции (подоцна прекршени од САД) на Русија дека НАТО нема да се шири кон исток, по примањето на Унгарија, Словачка и Полска. Сакс отворено зборува за мешањето на САД во уривањето на украинскиот претседател Виктор Јанукович во 2014 година.

Да не се пропушти и фактот дека неколку месеци после почетокот на војната, претседателот Зеленски побарал мировен договор, нудејќи воена неутралност на Украина, а подоцна го отфрлил тој мировен договор, под притисок на бившиот британски премиер Борис Џонсон кој му дал гаранции и поддршка за војната.

Западните земји заедно со САД, намерно забораваат кој во Втората светска војна ги исфрли нацистите од речиси цела Европа, кој прв стигна во Берлин. Не беа исклучиво Американците и сојузничките војски, туку и во огромнa мера Русите. Русија одамна не е онаа слабата од времето на Борис Елцин туку големиот сосед со кој Европа има многу повеќе заеднички точки и причини за соработка отколку да ги исполнува воените интереси на САД на своја економска и воена штета.

Закрвеноста помеѓу украинскиот и рускиот народ поради оваа војна ќе остане долго време. Тешко ќе може да се докаже дека Украина се злоупотреби од западноевропските земји и САД за профит на нивните воени индустрии и за неуспешно воено ослабување на Русија.

Европските земји заедно со ЕУ како политичка и економска унија треба да се водат по своите геостратешки интереси и подобрување на односите со соседите, а не да ги следат интересите на САД и нивната воена индустрија. Иднината на светот не треба веќе да вклучува војни туку соработка.

Соња Стојадиновиќ

(Преземено Республика)

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Греење со топлински пумпи: нема согорување на гориво

Рајко Пеколски

Земја

Светлана Јовановска

Дали 2025 ќе биде годината на Трамп?

Данијела Зорчец

Предизвикувачки однесувања кај деца со тешкотии во развојот: Што треба да...

Ристо Цицонков

Енергетска ефикасност – УКИМ треба дабиде добар пример

Сања Божиновска

Eнергетската иднина на Македонија се гради денес

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ