Податоците од анкетата покажуваат дека 77 проценти од испитаниците кажале дека наидуваат на непристапни ходници, а 75 проценти дека нема тактилни патеки и пристапен тоалет.
Во однос на остварувањето на правото на пристапност во здравството, податоците покажуваат дека 76 проценти од испитаниците со попреченост користат придружник при посета на здравствените установи, а само 42 проценти од лицата со физичка и 43 проценти од лицата со интелектуална попреченост одат сами во здравствените установи. Педесет и шест отсто од испитаниците со попреченост велат дека немаат пристап до соодветни или разбирливи информации во здравствените установи.
Учесниците на дебатата, што ја организираше Организацијата на лица со попреченост „Полио плус“ за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп и нејзина хармонизација со македонското законодавство, се согласија дека недостигот на пристапност се смета за дискриминација и дека тоа е пречка во достигнувањето еднакви можности и права.