сабота, 27 јули 2024

Лица со попреченост и роднини на починати војници ќе се вработуваат во МО без оглас

Со новиот Закон за вработените во одбраната предвидено е вработување без јавен оглас на лица со попреченост, како и членови на семејства кои имаат починат вработен во Министерството за одбрана и припадник на безбедносните сили, информираше министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со претставници на медиумите.

Објавено на

часот

Сподели

Петровска вели новиот Закон за вработените во одбраната претставува силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем, како и дека за првпат од осамостојувањето на Македонија вработените во одбраната, кои се составен дел од целиот систем имаат посебно законско решение.

„Овој закон значи силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем. За прв пат 32 години по осамостојувањето, вработените во одбраната, кои се составен дел од целиот систем имаат посебно законско решение, статус кој го заслужија со нивната работа, со нивната професионалност и нивната посветеност која во голема мера овозможи нашата држава да стане членка и целосно да се интегрира во Алијансата“, рече Петровска.

Посочи дека во Министерството е формирана Комисија составена од членови на Синдикатот и на Министерството која ќе ја следи примената на новиот Закон и на донесениот Колективен договор.

Петровска истакна дека ова е сеопфатен закон кој предвидува унапредувања според мерит системот, создавање на услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност.

„Сите овие поволности се повеќе од заслужени, особено ако имаме предвид дека за работните места во Министерството предвидени се повисоки критериуми во однос на работните позиции кај останатите административни службеници“, рече министерката.

Додаде дека Статусот на вработените се подобрува и преку зголемениот пензиски стаж, како и заминувањето во пензија со 80 отсто од десетте најповолни години од пензискиот стаж.

Претседателот на репрезентативниот синдикат, Независниот синдикат во одбраната, Ванчо Исајов, се заблагодари за донесувањето на Законот и на Колективниот договор, кои, рече, ќе го подобрат социјалниот статус на вработените во одбраната.

„Со овие два клучни документи се донесени и решенија за многу битни прашања за вработените во Министерството за одбрана и во Армијата“, рече Исајов.

Тој кажа дека дел од одредбите на законот и колективниот договор што се однесуваат на поголема исплата на платата и соодветните додатоци ќе почнат да се применуваат одложено со оглед на забраната за исплата на буџетски пари поради изборите.

Законот пред се овозможува кадри кои се сметаат за критични специјалности (како информатичари и кадри специјализирани за сајбер одбрана) да бидат примени без јавен оглас и да добијат повисока плата, бидејќи со регулативата досега ваквите работни места било невозможно да се пополнат. За да не се злоупотребува оваа отстапка и да не се случи некој  да вработи на ваков начин советници во својот кабинет  точно се наброени специјалностите за кои е предвидена ваквата отстапка.

После неколкумесечна блокада, Собранието на 28 февруари годинава го донесе законот за вработените во одбраната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ