„За време на мандатот на претходниот собраниски состав, пратениците инкасирале над еден милион евра за патни трошоци. Расфрлањето со народни пари во претходните години изгледа вака: во 2019 година исплатени се 390.993 евра, во 2018 година 522.930 евра, во 2017 година 512.000 евра, во 2016 година 698.797 евра, а во 2015 година 770.883 евра“, велат од Левица.
Партијата дополнува дека покрај злоупотребата на средствата за гориво, патарини и амортизација, дел од пратениците наплаќале месечни кирии од 400 евра, иако поседувале сопствени станови во Скопје.
„Во понеделник нашите пратеници ќе поднесат Закон за патни трошоци, со кој драстично ќе се намали расфрлањето со народни пари. Потсетуваме дека Левица, како парламентарна партија веќе пет години, нема наплатено ниту денар за патни трошоци. Во 2021 година поднесовме Закон за патни трошоци, кој беше одбиен од коалицијата на СДС и ВМРО-ДПМНЕ, иако сите во нивните предизборни програми ветуваа вакви мерки“, истакнуваат од Левица.
Од партијата обвинуваат дека најголемиот дел од парите за патни трошоци го потрошиле пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со мала предност пред СДС, а на овој мандат во „битката“ се приклучиле и пратениците од ЗНАМ.
„Потрошените милиони евра за патни трошоци и злоупотребите со наплатата на кирии покажуваат дека пратениците ги ставаат своите лични интереси пред интересите на граѓаните“, велат од Левица, додавајќи дека нивниот Закон за патни трошоци има за цел да стави крај на ваквата пракса.