среда, 1 јануари 2025

Левица : Не само недела, туку и сабота да биде неработен ден!

Откако во јавноста „воскресна“ идејата да се врати можноста за работа во недела, од партијата Левица реагираат дека тоа е кратење на уште едно работничко право, што ќе доведе до нов бран иселувања.  Наместо ова решение, од Левица наведуваат дека ќе се залагаат да се постават на маса барањата на работниците за зголемена минимална плата и воведување и на сабота за неработен ден.

Објавено на

часот

Сподели

„Верниот слуга на Стопанската комора и домашната олигархија – Мицкоски, најави враќање на недела за работен ден! Откако неспособна влада на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ преку манипулативните кошнички, зголемените цени на суровините и електричната енергија сервираше нова порција инфлација, што го доведе работникот до работ на егзистенција, сега го принудува за дополнителен приход да работи и во недела.

Ваквиот сурово-капиталистички однос кон работниците од десничарската Влада е очекуван! Минималната потрошувачка кошничка изнесува три минимални плати, што укажува на тоа дека платите на двајца возрасни кои земаат минимална плата, не можат да ги задоволат ниту основните животни потреби на едно семејство. Кратењето на уште едно работничко право, несомнено доведува до нов бран иселување на најспособните работници, што прави државата која има сè поскромен човечки ресурс, целосно да колабира.

Потсетуваме дека врз овој удар по грбот на работникот претходат бројни средби помеѓу Мицкоски и претседателот на Стопанската комора, Азески. Збеснатата влада е спремна својата благосостојба и џебовите на сопствените донатори да ги полни од маката на работникот. Затоа, нивниот експлоататорски нагон ги става на маса интересите на алчната буржоазија, којашто станува сѐ побогата, додека работниците и синдикатите, се исклучени од процесите и стануваат сѐ посиромашни.

Левица нема да дозволи рајот на Мицкоски и Азески да биде граден врз пеколот на работниците. Како работничка партија, најавуваме отвореност за соработка со работниците и синдикатите, за отфрлање на лукративните робовладетелски интереси на буржоазијата. Наместо ова, се залагаме да се постават на маса барањата на работниците за зголемена минимална плата и воведување и на сабота за неработен ден.

Работникот не смее да биде поставен на дното на општеството и претворен во слуга на капиталот. Затоа најавуваме бескомпромисна борбa против обидот за одземање на ова круцијално работничко право. Не за богатење врз гробот на работниците!“, се вели во соопштението на Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ