„Реџеп Мемеди и неговиот братучед остануваат на чело на Детска клиника, и покрај тоа што не се подготвени да преземат одговорност за смртта на дваесетте деца кои починале во шестте месеци од кога тие се на чело на институцијата!
Државниот санитарен и здравствен инспекторат изрекол две казни на институцијата и директорот, а постојат и воочени недостатоци од страна на Државниот завод за ревизија. Сепак, кланот Мемеди избира да ги игнорира забелешките на овие институции и продолжува со злоупотреба на државни средства за лично богатење.
Зошто министерот за здравство, Арбен Таравари, продолжува со политички калкулации и ги занемарува апелите на јавноста за разрешување на Реџеп Мемеди? Дали кланот Мемеди има доволно голем импакт во одржувањето на неговата политичка позиција до степен што министерот е подготвен да жртвува млади животи?“, наведуваат од Левица во партиското соопштение.
Понатму се изнесуваат одредени сознанија од партијата дека братучедите од Студеничани имаат заемно владеење на институцијата.
„Алајдин, иако не е вработен во Клиниката, користи скениран потпис од својот братучед, медицинскиот директор Реџеп, за печатење на одлуки кои самиот ги донел! Покрај тој навод за фалсификувани документи, од страна на ДЗСИ е воочено дека помладите специјализанти кои дежураат иако немаат законско право за тоа, користат факсимили од постари специјализанти или специјалисти кои на хартија дежураат, но се немаат појавено на клиниката! Ургентниот центар на клиниката останува затворен, па пациентите се одбиваат без образложенија, спротивно на закон!
Тоа што власта на ДПМНЕ-ВЛЕН–ЗНАМ ги занемарува забелешките на институциите и продолжува со незаинтересираното владеење со здравствените институции не остава простор за верување дека смртта на овие деца била спонтана и неизбежна. Левица иницијално реагираше на непотизмот и непрофесионализмот во раководењето со Детска клиника на почетокот од септември, па секој дополнителен ден кој власта им го дозволи на братучедите Мемеди во раководството на клиниката е свесно занемарување на грешките кои резултираат со смрт на деца! Оставка веднаш!“, порачуваат од Левица во апелот до министерот за здравство за разрешување на директорот на Универзитетската клиника за детски болести.
Со реакција и барања за одговорност поради смртноста на Детската клиника се јавија и од опозициската СДСМ.
„Трагичните податоци за смртноста на деца во изминатите шест месеци ја шокираа јавноста, а Мицкоски и ДПМНЕ мува не ги лази. Во втората половина на 2024 година, животот го загубиле 19 бебиња и едно петгодишно девојче.
Овие бројки се застрашувачки и отвораат прашања кои бараат итни одговори: каде затајува системот, како се направени пропустите и дали постои прикривање на лекарски грешки?
Последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести е алармантен. Бебето било одбиено за хоспитализација без никакво образложение – втор ваков трагичен случај во само два и пол месеци. Овие трагедии не смеат да се игнорираат!
Министре Таравари, директоре Мемеди, време е да преземете одговорност. СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и итно преземање мерки за спречување на ваквите трагедии.
Во време на СДСМ, преку конкретни мерки и инвестиции, смртноста кај новороденчињата беше значително намалена. Неонаталната смртност беше намалена петкратно, а перинаталната за повеќе од двојно. Инвестирано беше во модерна опрема и стручен кадар.
Сега, под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, здравствениот систем се враќа во состојбата од времето на нивното претходно владеење. Животот на децата и здравјето на граѓаните не смеат да бидат колатерална штета на неспособноста и неодговорноста на оваа власт.
Го повикуваме Министерството за здравство и сите надлежни институции да преземат итни мерки за заштита на здравјето на децата а министерот Таравари да си поднесе оставка“, се вели соопштението на СДСМ.