Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ на денешната прес-конференција ги објасни причините поради кои ги поднесуваат измените на законското решение.
„Причините за измената се повеќебројни, некои од нив се финансиската сигурност на работниците. Во многу домаќинства, платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната пракса на исплата на плати до 15-ти во месецот предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци. Понатаму, имаме справување со прекумерното задолжување. Поради доцнењето на платите многу работници се принудени да земат брзи кредити, дозволени минуси и позајмици со високи камати. Ова дополнително ја влошува нивната финансиска состојба. Имаме намалување на економската нееднаквост. Постојат работници кои ја добиваат на почетокот на месецот, додека мноштвото ги добива платите дури до 15-ти. Ова создава нееднаквост и неправеден товар врз дел од работниците. И како последна причина го издвојуваме следењето на европските стандарди затоа што во многу држави платите се исплаќаат веќе до крајот на тековниот месец и максимално во првите денови од наредниот месец“, рече тој.
Очекуваните придобивки од Законот, како што рече Мециновиќ, се подобра финансиска стабилност за работниците и нивните семејства, намалени задолжувања и избегнување на непотребни камати, зголемена продуктивност на работниците и крајно подобрување на целокупната економска состојба на земјата.
Нагласи дека со оваа измена не се создава никаков дополнителен финансиски товар на ниту еден елемент во економијата. Очекува овој Закон да биде поддржан во Собранието и да стапи на сила што е можно поскоро.
Одговарајќи на новинарско прашање дали нивната пратеничка група размислува на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот да иницира поставување на точка на кое би се расправало за инцидентот од минатата недела меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, Мециновиќ истакна дека засега не размислуваат и оти ова работа е во рацете на претседателот на Собранието.
„Сега засега не сме размислувале. Но веќе еднаш побаравме толкување на етичкиот кодекс како во сцена на Монти пајтон во моментот кога ние баравме толкување на етичкиот кодекс добивме навреди, токму јас. Секое понатамошно толкување на етичкиот кодекс и однесување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не е во наши раце, туку во рацете на претседателот на Собранието. И на крајот на краиштата, ова треба да се разбере како што е. Ако претседателот не може да го задржи достоинството на Собранието, тогаш тој треба да си даде оставка. Затоа што моменталната ароганција на функционерите од Владата ги преминува сите граници, бидејќи ова е законодавна власт и нема никаква обврска со извршната власт. Ако претседателот не ја гледа таа задача пред која е исправен и дека треба да го чува достоинството на народната волја, а тој застане на страната на владините функционери и нивната ароганција, тогаш се повлекуваат некои други предизвици. Не е на нас да расправаме во нашите комисии“, рече пратеникот Мециновиќ.