петок, 10 јануари 2025

Левица бара одговорност од Даути, опозицијата е поделена, власта ќе гласа за нејзина одговорност

Во Собранието, во рамки на 29. седница, попладнево почна расправата по првата точка од дневниот ред – интерпелација за работата на Илире Даути – пратеничка на Алијанса за Албанците од опозициската коалиција Европски фронт, претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. СДСМ ја напушти седницата, а координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски изјави дека нема да гласаат за интерпелацијата на Даути. Владеачките ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ја поддржуват интерпелацијата на Илире Даути.

Објавено на

часот

Сподели

Интерпелацијата  во ноември до Парламентот ја поднесоа шесте пратеници на Левица, а денеска  ја образложи пратеникот Сашко Јанчев. Тој рече дека Илире Даути со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на комисијата со која таа претседава.

Како што рече, на 11  септември 2024, Собранието донело заклучок да се донесат измени на законот во скратена постапка. Претседателот на Собранието ја задолжил Даути да закаже седница да се разгледа законот, но таа тоа не го направила тоа и „своеволно одлучила да не свика седница“.

„Претседателката на комисијата не свика седница за законот, со што го прекрши Уставот, Законот за пратеници и Деловникот. На пратениците им го ускрати правото на говор, правото амандмански да интервенираат по овој закон и правото да учествуваат во работните тела на Собранието“, истакна Јанчев и нагласи дека Даути  била должна да свика седница кога тоа го побарале една третина од членовите на комисијата.

Одговорност, според Левица, има и кај претседателот на Парламентот, Африм Гаши, кој требало, но, како што рече Јанчев, упорно не назначувал друг човек наместо Даути да ја води седницата на Комисијата за социјална политика демографија и млади.

„И затоа Левица поднесе кривична пријава против него… ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ можеле да го откочат и да го повикаат Гаши да свика седница зашто неговата позиција зависи од нивните гласови. Но, тие гласно и патриотски си молчат“, рече Јанчев.

Додаде дека „третиот основ“ на интерпелацијата е тоа што Даути „противделовнички“ не дозволила ниту дополнување на дневниот ред на седниците на комисијата со оваа точка кога тоа го барале членовите, со став дека точката нема да се најде на дневен ред „се додека не се изедначат правата на поранешните припадници на УЧК со правата на безбедносни сили“.

„Ова величење на ОНА е крајно проблематично… Во 21 век се турка идеја за голема држава“, рече Јанчев кој, меѓу другото, наведе злосторства извршени од припадници на УЧК во 2001.

Пратеничката Илире Даути во одговор на поднесената интерпелација рече дека со самото излагање на Јанчев се докажало дека интерпелацијата е без основа.

„Од каде и да гледате, ќе видите дека претседателката на комисијата има право зашто ја сака вистината во целост. Таа е убедена дека ако се тргнат фрагменти од историјата, вистината останува половична, а со таква вистина не може да се гради иднина за граѓаните. Но прифаќам,  и пратеничката има свои слабости. Таа е Албанка и треба да се соочи со разликите кои постојат не само во оваа институција…Таа е убедена дека за овие прашања се тргнува од човечноста и дека прво треба да бидеме луѓе“, рече Даути.

Според неа, ако се прочитал член 9 од Уставот и член 176 од Деловникот „на секој ќе му биде јасно дека целта е да се покаже демонстрација  на сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат различно“.

„Нема да прифатам еден дел од популацијата да не се третира на еднаков начин иако се еднакви учесници во државата и во буџетските приходи. Секогаш така ќе дејствувам кога ќе биде потребно… Од држава што треба да ги штити, се претвори во држава што им се заканува на граѓаните Албанци. Дали не се срамите, дали не се потите, кога денес правите младите и децата да ги слушаат истите зборови кои сме ги слушале ние во нашето минато. Кога на нашите родители им се заканувале зашто ни ги даваат нашите имиња“, рече пратеничката од коалицијата Европски фронт во одговор на интерпелацијата.

Од собраниската говорница таа кажа дека интерпелацијата не ја чувствува лично, туку, рече, „се однесува на сите нас, се однесува на слободата и еднаквоста и на демократските вредности“.

„Каков и да е епилогот од ова барање за разрешување, нема да се реши овој проблем“, рече Даути и повика „сите заедно да седнат и да го разгледаат законот“  и условите што тој  ги нуди, како што рече, и за безбедносните сили на државата, и за поранешните припадници на ОНА. Порача и дека за тоа треба да има поддршка од државата зашто од сите бил прифатен мировниот договор.

Околу интерпелацијата за пратеничката Илире Даути поднесена од Левица, во однос на предлог-законот за бранители, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски пред почетокот на седницата на прес конференција изјави дека со отповикување на Даути нема да биде решен проблемот, бидејќи, според него, проблемот се вика Африм Гаши кој, рече, „има двојни стандарди“ и „различно постапување во две исти ситуации“, односно „едно за Законот за бранители, а второ за Законот со задолжување за унгарскиот кредит“.

„Не е никој друг виновен. Кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот по Деловникот е должен да овласти друг член на Комисијата и да се закаже седницата со точката на дневен ред. Вистинската одговорност и лице е Гаши, Интерпелацијата на претседател на собраниска комисија, која е дел од парламентарната група, нема да донесе ништо“, истакна координаторот на пратеничката група. Кога поднесовме Закон за правата на бранителите, сите излегоа и рекоа дека ова ќе ги подигне меѓуетничките односи. Не сакаме да учествуваме во нешто што сме го граделе со години, а сега да разговараме за теми со друга позадина. Не е вистинската позадина уривање на неколку министри во Владата“, рече Спасовски.

Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе гласаат за одговорност на Даути. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска на денешната собраниска седница истакна дека интерпелацијата е поради проблематичното работење кое го кочи работењето на комисијата.

„Во самото образложение на интерпелацијата се вели дека Илире Даути сосема неделовнички, противуставно, своеволно, тенденциозно, па јас би рекла и проблематично го кочи работењето на оваа комисија“, посочи Ласовска. За напуштањето на СДСМ на седницата рече дека е парадокс.

„Вчера се оградија од досегашниот партнер во Владата, ДУИ и вели дека тие се најкорумпираната политичка партија во Македонија, а денеска излегуваат и не сакаат да учествуваат во работата на Собранието и не сакаат да дадат поддршка за интерпелацијата на Илире Даути. А, истовремено пак замислете кој е тој парадокс, законот заради кој Илире Даути заслужено добива интерпелација е поднесен од нив сега откако седум години беа на власт и не поднесоа закон. Само што паднаа од власт поднесоа вакво законско решение“, истакна Ласовска.

И коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди кажа дека ја поддржува интерпелацијата на претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ