среда, 15 јануари 2025

Левица бара да не се деградира во Собранието уставната категорија „интерпелација“

Левица е подготвена да достави предлог за разрешување на пратеничката Илире Даути од позицијата – претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади во Собранието, на која ѝ беше изгласана интерпелација во петокот, на 10 јануари. Од партијата порачуваат дека не смее да се деградира уставниот институт „интерпелација”

Објавено на

часот

Сподели

„Изјавите во однос на интерпелацијата на пратеничката Даути, кои деновиве доаѓаат од т.н. албански политички блок и од претседателот на Собранието, Африм Гаши, само ја покажуваат нивната неуставна политичка култура на дејствување, при што дури и уставно предвидениот институт „интерпелација” се обидуваат да го толкуваат низ етничка димензија. Скандалозните и неделовнички изјави на Гаши дека нема да го достави усвоениот заклучок од интерпелацијата е флагрантен израз на неговото самоволие, кое ја става партијата на Мицкоски со 58 пратеници во потчинета положба. Насилничкото делување на Гаши, со кое се узурпира волјата на законодавниот дом, само ги потврди тезите на Левица дека спикерското место не смее да припадне на необалистичка партија со два пратеници.

Изјавите дека интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство е елементарно непочитување на Уставот и на законодавниот дом, како највисок орган кој врши контрола над работата над избраните и именуваните функционери. Интерпелацијата за пратеничката од Алијанса за Албанците беше изгласана со апсолутно мнозинство од страна на пратениците, односно со 61 пратеник, што директно ја имплицира тежината на политичката одлука. Доколку апсолутно мнозинство од 61 пратеник е доволно дури и за изгласување на недоверба на влада, нејасно е како одредени политички чинители свесно го деградираат Уставот и изјавуваат дека ова мнозинство не е доволно за разрешување на претседател на собраниска комисија?! “, се вели во соопштението на Левица.

Левица очекува пратеничката Даути да ја демонстрира својата политичка одговорност и да го сочува својот интегритет како пратеник во Собранието, со тоа што ќе го испочитува усвоениот заклучок во Собранието, каде јасно е прецизирано дека Даути, како претседател на собраниска комисија, го прекршила деловникот на Собранието. Во спротивно, Левица е подготвена да иницира предлог за разрешување до собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата, со која претседава пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.

„Очекуваме владејачкото мнозинство да го поддржи ваквиот издржан предлог на Левица, со цел заштита на законодавниот дом од самоволието на одредени политички чинители.

Воедно, со цел да ги разјасниме неуставните толкувања во јавноста, потенцираме дека правните норми се јасни: владејачкото мнозинство преку собраниската комисија има правна можност и обврска да ја разреши Илире Даути, доколку таа продолжи да го крши деловникот и не си поднесе оставка од функцијата претседател на комисијата. За Левица, Илире Даути со изгласаната интерпелација е разрешена од претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Засрамувачки е што спикерот Гаши и неговата партија се обидуваат да спечалат етнички поени врз кршење на законските и деловничките норми и продолжуваат со деструктивните политики каде што застана ДУИ“, велат од Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ