понеделник, 30 декември 2024

Левица: 100 дена нова Влада, ДПМНЕ ја продолжува праксата на СДС

Бришење на името Македонија и секој негова писмена трага, прифаќање на Преспанскиот договор, национални понижувања и дипломатски скандали, злоупотреба на службената положба и зголемување на бројот на министерствата, воведување нови директори и најавување на енормни задолжувања, се дел од „успесите“ кои ги донесе новата Влада, во првите сто дена владеење, сметаат меѓу другото од Левица по повод 100  дена од работата на Владата.

Објавено на

часот

Сподели

Десничарската коалиција на ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди создаде една од најобемните Влади до сега, под ветување дека ќе се намали бројот на агенции и директорски места, но тоа не се случи. Наместо ова, монструозниот државен апарат што се создава, е слуга исклучително на коалициските апетити за полнење на џеповите на функционерите од Власта, велат од Левица.

„Со обезбедено мнозинство ја одбија понудата за претседател на Собранието и бланко поддршката од Левица, а подоцна ја одбија и интерпелацијата и го устоличија Африм Гаши, којшто во низа скандали ја погази државата и ги злоупотреби неговите ингеренции. Додека наставниците се оставени на минимална плата, за трет албански универзитет се одвоени над 34 милиони евра. Коалицискиот партнер на Мицкоски најави паралелна албанска академија, додека на оваа иредентистичка политика и претходеа изјави на премиерот за дестабилизација на државата. Од друга страна, по договор на коалицијата Законот за бранителите останува заглавен“, велат од Левица.

Надворешната политика ниту сантиметар не се разликува од она што го правеја СДС и ДУИ. Најавите за раскинување на штетните договори не постојат повеќе, а политиката на подреденост кон националистичките политики на нашите соседи продолжува. Напредок кон ЕУ по ниту еден параметар нема, додека спроведувањето на договорите обврзувачки кон Македонија не прекинува, сметаат од партијата.

„Кумулативно погледнато, државата останува во владеење на малкумина, клиентелизмот и коруптивноста остануваат најголеми општествени проблеми кои го гушат државниот апарат, додека политиката е целосно насочена кон интересите на богатите, кои не можат да ја дочекат распределбата на најавената милијарда задолжување, додека работничката класа, останува таа која на свои плеќи го носи товарот на лошо управуваниот систем“, оценуваат од Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ