сабота, 27 јули 2024

Лентата беше куса, а сакав на венецот да пишува РС Македонија, изјави Сиљановска Давкова

На новинарско прашање зошто на венецот што го положи на чевствувањето на светите браќа Кирил и Методиј во Рим стои само нејзината функција и име (Претседателка Сиљановска Давкова), а не и името на државата, претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова изјави дека лентата беше куса. Taa изјави дека ќе го почитува Преспанскиот договор, но и ќе го задржи правото некогаш да ја употребува придавката или само името.

Објавено на

часот

Сподели

„Тие лентите не се многу долги, разговарав со мојот кабинет, имавме и различни мислења. Јас бев на мислење дека може да се напише ‘РС Македонија’, бидејќи немаше простор. Но, се дојде на мислењето дека можеби, бидејќи јас сум на чело на делегацијата, која е државна и црковна, тоа да биде решениетпо. Знам, има забелешки, ги разбирам многуте од нив. Но, Македонија ја претставувавме таму. Веројатно во времево кога, по мојот говор кога го избегнав официјалното име на државата и определбата за Македонија врз основа на правото на самоопределување и слободата на изразување на мислата, се одлучивмне на ова решение. Не мислам дека  е тоа не знам каков проблем, ниту негирање на Македонија, ниту негирање на државата. Се знаеше која е делегацијата, кои сме ние. Нам ни се чинеше дека тоа е најдобро во тој момент“, рече претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова , одговорајќи на новинарски прашања на маргините на конференцијата за одбележување 85 години од раѓањето на професор Ѓорѓи Марјановиќ денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Таа во својата изјава повика да се препрочита Преспанскиот договор, особено во делот на промената на документите за внатрешна употреба што е, како што нагласи, непознат феномен во историјата на човештвото.

„Во врска со фактот дека таму се врзува овој чин или крајниот рок за истекот на пет години, меѓутоа и за отворањето на првото поглавје и на поглавјата. Кој одлучува за отворање на прво поглавје? Европската унија. Значи и тие требало да сторат нешто за реализација на Преспанскиот договор. Значи, не сум го прекршила Преспанскиот договор, тој е во сила, ќе го почитувам, но си го задржувам правото да го употребувам, некогаш и придавката да ја употребувам или името“, рече Сиљановска Давкова.

За некористењето на уставното име и како тоа се одразува на односите со соседите, смета дека не може со една изјава да се вратат односите наназад.

„Односите се такви какви што се, бидејќи односите може да се добри тогаш кога навистина сме исчекориле во евроинтеграцијата, зошто ако го смените името врз основа на референдумско прашање дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор тоа е обврска не само за нас“, рече таа и додаде дека промената на името, било веројатно една од најголемите промени во животот на некоја држава или нација.

Додаде дека е добро што земјата е членка на НАТО, но смета дека не е чекор напред тоа што повторно стоиме пред промена на Уставот за да почнат преговорите, оти, како што рече, „дали сте за членство не значи дали сте за почеток на преговори“. Нагласи дека логично би било сите да ги реализираат преземените обврски.

Во врска со писмената честитка на Стејт департментот за прва жена претседател, која, како што објавија медиумите не била испратена поради неупотребата на уставното име на инаугурацијата, Сиљановска Давкова истакна дека таа имала средба со американската амбасадорка Анџела Агелер, ден пред инаугурацијата во парламентот и дека тоа е нивна одлука во која таа не може да се меша.

„Според мене тоа не значи прекршување на Преспанскиот договор. Јас и пред некој ден кажав – ниту јас одбив да ја потпишам изјавата, ниту ја искинав, ниту реков дека ќе покренувам постапка за поништување на Преспанскиот договор иако таму има постапка. Јас само усно си го искористив сократовски правото на слободно изразување на мислата така како што го прават и многу други претседатели, вклучувајќи го и претседателот на САД, претседателите – значи и тие употребуваат скратени изрази, инаку би требало да се автоцензурирам. Исто така знам дека на телевизиите многу често оди Македонија, а и тие имаат понекогаш проекти од државата, имаме партија која е финансирана од државата, а во името има Македонија, мислам на СДСМ“, рече Сиљановска Давкова.

Во врска со можноста за признавање на палестинската држава, таа истакна дека е рано да се размислува за тоа и оти тоа прашање не дошло на дневен ред.

За челната позиција во Агенцијата за разузнавање и дали ќе даде нов предлог или и натаму ќе ја предводи Еролд Муслиу вели дека нема нов предлог и дека нему уште не му е истечен мандатот.

„Ако не ви е истечен мандатот само доколку направите некои повреди тогаш може да бидете сменет, значи мандатот му тече. Јас не знам дали имало некакви повреди. Кога ќе дојде времето или ако истече мандатот, а тој не е истечен или ако има некои причини за предвремен престанок на мандатот, тогаш би можела јас да размислувам“, рече Давкова.

Инаку, што се однесува до прашањето за напишаното на венецот во Рим, по истиот повод и на истото место, во друго време, венец положи и претседателот на Бугарија, Румен Радев. На лентата пишува „Република Бугарија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ