сабота, 27 јули 2024

Леле, што ќе направите

Објавено на

часот

Сподели

 

Македонија не е само Кире Лазаров

Кире Лазаров ќе го предводи тимот што треба да ни донесе континуитет на радости, ракометарите сосе селекторот Звонко Шундовски имаат задача да ја кренат нацијата, исто како што тоа го направија нивните кошаркарски колеги пред четири месеци.

„Никако не сакаме да влеземе во филмот дека мораме, тоа може да нè изгори. Одиме меч по меч, гол по гол. И ние сакаме успех како кошаркарите, тоа е сон на секој спортист, но ќе правиме исто како што направија и тие. Чекор по чекор за да стасаме каде што сите посакуваме – близу врвот, близу Олимпијадата во Лондон“, вели Лазаров.

Токму од него стравува цела Европа, сега најмногу Шведска, Германија и Чешка. Го вброија меѓу најдобрите десет ракометари на првенството, за него има место во идеалниот тим на поранешна СФРЈ. Но сите се плашат – што ако навистина им успее да го запрат.

Ако Диви здивее, ќе почне повторно да јаде топки

„Не сум само јас. Тука се Мојсо, Аљуш, Ванчо. Доволно сме зрели, знаеме да нападнеме од сите страни, имаме доволно комбинации за секого“, смирува капитенот.

Пред заминувањето, на последната средба со новинарите ракометарите ги кажаа плановите. Чешка мора да падне, уште ако отвориме со победа против Шведска, каде би ни бил крајот. Наумче Мојсоки почна да реди дека тогаш и со Германија ќе биде (по)лесно. Го прекина Лазаров.

„Меч по меч“, го потсети капитенот.

Но едно е сигурно. Модерниот ракомет не се само головите. Лино Червар со Металург најдобро покажа дека секој може да падне ако поставиш гранитна одбрана. Уште пред почетокот на подготовките беше нарушена концепцијата на Шундовски, кој остана без помошта на Мите Стоилов, столбот на одбраната. Затоа на подготовките акцент се стави на пополнувањеto на таа дупка во тимот. Многу варијанти се пробани, утре ќе видиме како изгледа тоа. Нов лидер на „дефанзивците“ е Велко Маркоски.

„Повредата на Стоилов влијаеше проблематично за сите во тимот, но тоа нè натера да тренираме уште пожестоко. Пробавме многу варијанти и сметам дека сме максимално подготвени да ги запреме непријателските налети“, вели Маркоски.

Ракометарите ги имаат сите услови. Ќе имаат поголема поддршка од навивачите дури и од домаќинот Србија, оти северните соседи не биле толку запалени, велат оттаму. Подготовките минаа во најдобар ред, контролките беа малку на број, но првенството ќе покаже дали Шундовски бил во право кога ги одбиваше пријателските со тие со кои сме во група. Од Литванија наваму решивме да не им попуваме на селекторите, Марин најдобро знае зошто. Нека тераат по свое, ќе им судат само резултатите.

Во меѓувреме, објавено е што треба да направат ракометарите за да се пласираат на квалификациите за ЛОИ во Лондон. Тоа ќе биде тешка битка, но на мака се познаваат јунаците. Најважно е Ниш да биде само почетна станица. Во Белград е најбитното, ама и најслаткото. Таму може да вратиме за сите грчки знамиња, за сите БЈРМ-увања, за сите потценувања досега. Може да вратиме, а притоа да не се извиниме. Зашто ова е спорт, тука патриотизмот секогаш победува!

Златко Крстевски

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ