сабота, 27 јули 2024

Лекторите по македонски јазик на МСМЈЛК при УКИМ најавуваат правна разврска ако не им бидат зголемени платите

Лекторите по македонски јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (МСМЈЛК при УКИМ) вршат значајна национална мисија за ширење на македонскиот јазик, литература и култура на 11 активни лекторати во светот, а сепак се оставени на маргините, со плати што не ги покриваат нивните основни трошоци за живот и сместување, па се принудени да се снаоѓаат како што знаат и умеат, реагираат денеска лекторите од овој Универзитет. Вработените на УКИМ од февруари годинава добиваат повисоки плати во просек за околу 22 отсто, а ретроактивно им се исплати и разликата за јануари со што почна примената на новиот Колективен договор.

Објавено на

часот

Сподели

И покрај ваквата незавидна положба во која се наоѓаат, пишува во соопштението лекторите на МСМЈЛК при УКИМ се изземени од последните покачувања на платите на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за 22 отсто.

„Дополнително, лекторите во изминатиов период се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и се принудени да живеат со просечна македонска плата во големи светски метрополи, каде што трошоците за живот се осетно зголемени поради глобалната инфлација во изминатите години. Девизниот додаток, односно додатокот за подобрување на животниот стандард во странство, кој и онака е мал, не се исплаќа редовно секој месец, што дополнително ја отежнува тешката финансиска ситуација во која се наоѓаат“, реагираат лекторите на МСМЈЛК при УКИМ.

Тие исто така, информираат дека не го добиваат целосниот износ на основната плата што им следува, односно добиваат само 75 отсто од износот на основната плата за работните десет месеци, што е во спротивност со Правилникот за работа на МСМЈЛК при УКИМ.

За ваквата нивна состојба, лекторите побарале одговори и решенија од ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, но одговори ниту пак решенија досега не добиле.

„Лошата финансиска ситуација сериозно го загрозува опстанокот на лекторатите по македонски јазик во странство и затоа од Ректоратот на УКИМ и од Министерството за образование бараме решение за корекција на дискриминaторската одлука за изземање на лекторите по македонски јазик во однос на останатите 3.200 вработени со цел нивната плата да го добие покачувањето од 22 отсто И решение за корекција на пресметката на платите, со цел лекторите за време на работните месеци да го добиваат целосниот износ од платата што им следува, односно 100 отсто како и редовно исплаќање на девизниот додаток. Доколку надлежните не одговорат на овие барања, вработените на МСМЛЈК при УКИМ ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права кои се загарантирани со Уставот и законите“, пишува во соопштението на лекторите на МСМЈЛК при УКИМ од сите 11 активни лекторати во светот.

Вработените на УКИМ од февруари годинава добиваат повисоки плати во просек за околу 22 отсто, а ретроактивно им се исплати и разликата за јануари со што почна примената на новиот Колективен договор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ