петок, 18 октомври 2024

Лекторатот на македонски јазик во Риека одбележува 15 години постоење

Објавено на

часот

Сподели

„Ако се има предвид што сè е постигнато од Лекторатот по македонски јазик во Риека во текот на неговиот досегашен развој, бројноста и квалитетот на македонистичкиот кадар произлезен од студиите и оствареното со активностите за афирмација на македонистиката надвор од наставата, заклучокот е неспорен: постигнато е многу повеќе отколку што може и да се замисли и да се очекува за период од деценија и половина“, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Таа додава дека за овие 15 години се остварени резултати за кои на некои универзитетски центри се потребни и неколку децении.

Мојсова-Чепишевска напоменува дека овој лекторат е изграден врз темелите поставени во 1980 година, кога започнало изучувањето на македонистиката на Универзитетот во Риека, најпрво на Педагошкиот факултет.

„Оттука, одбележуваме над четириеет години развој на македонистиката во Риека, од кои петнаеет години со лекторат кој е еден од најдобрите примери за афирмација на македонистиката на странски универзитетски центар“, нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Иницијативата за отворање на Лекторатот во Риека ја покренал академикот Горан Калоѓера, со заложби и на тогашниот ректор на Универзитетот во Риека, проф. д-р Перо Лучин и на проф. д-р Данијел Рукавина, а се остварил со заложби и на УКИМ и МСМЈЛК при УКИМ, на македонската држава и на нејзината дипломатија. Прв лектор по македонски јазик во Риека бил проф. д-р Васил Тоциновски, а по неговите стапки продолжиле м-р Ана Азеска и актуелната лекторка – м-р Биљана Стојановска.

Петнаесетте години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Риека ќе се чествуваат со низа свечености и активности на тамошниот Филозофски факултет, неделава – на 10 и 11 мај. Овој јубилеј се надоврзува и на уште два други јубилеја – 25 години од Филозофскиот факултет и 50 години од основањето на Универзитетот во Риека.

Инаку, Хрватска е една од земјите во кои на високообразовните институции, македонистиката постојано се развива. Покрај на Универзитетот во Риека, македонистиката повеќе од пет децении, непрекинато се развива и на Универзитетот во Загреб, каде во последниов период, со неа раководи проф. д-р Ивица Баковиќ и која се развиваше и се развива под палката на проф. д-р Борислав Павловски и проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, како и на Универзитетот во Осиек, каде особен влог има остварено акад. Златко Крамариќ. Настава по македонистика е остварувана и на Универзитетот во Задар, каде влог оствари проф. д-р Августина Гулеска-Хајдиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ